Како дел од проектот ,,Градот како сцена: еколошки иднини“ организацијата Факултет за работи што не се учат (ФРУ) спроведува јавно предавање на светски познатите архитекти Миодраг Куч (ЗК/У) и Конрад Браун (Haus der Statistik) во петок, 27 јуни, во 20 часот во киното на Железничката зграда.
„Предавањето ‘Ре-акомодација на културните чинители’ ги прикажува процесите на реконструкција на две важни, но многу различни, берлински згради: ЗК/У и Haus der Statistik (HDS). Различни по размер и архитектонски стил, обете згради се сместуваат на културните актери и урбаниот развој за општо добро. Во случајот на ЗК/У историски богатиот индустриски комплекс е трансформиран од уметничка резиденција во платформа за разновидна културна сцена. Како модел проект за понатамошен развој на модернистичкото наследство, HDS отиде подалеку од реконструкцијата и стана прототип за соработка на културниот и административниот сектор“, појаснуваат од ФРУ за предавањето.
Миодраг Куч е трансдисциплинарен уметник, урбан теоретичар и педагог, чија работа ги истражува сложените односи помеѓу ефемерните структури, просторните апропријации и урбаните политики. Учествувал во реализацијата на бројни уметнички и академски проекти, првенствено во областа на урбаните студии, визуелно-културните студии и урбаната антропологија. Моментално работи како програмски директор во хибридната институција ZK/U (Zentrum für Kunst und Urbanistik) во Берлин, каде што се занимава со критичка урбана педагогија и улогата на иницијативите од локално ниво во транссекторскиот урбан развој. Тој е ко-директор на одделот за критичка урбана педагогија (ZEDucation) и работи на пресекот на архитектурата, урбаната политика, сценскиот дизајн/театарот и социјалната работа.
Конрад Браун е ко-основач и член на одборот на openberlin e.V. и е вклучен во партиципативен урбан развој од 2012 година со цел да се постигне пристап кон јавното и приватното земјиште кој е повеќе ориентиран кон заедницата. Како хонорарен архитект и урбан истражувач, тој работи трансдисциплинарно на темите урбанизам, општество, култура, политика, право и економија. Тој посветува особено внимание на урбан развој и развој на недвижности управуван од корисниците, кој е ориентиран кон општото добро. Тој е член на одборот на моделниот проект Haus der Statistik и на непрофитната компанија за недвижности „AndersBauen“.