Јавните кампањи во медиумите треба да се бесплатни, порачуваат македонските новинарски здруженија

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) реагираат на најавата на Владата за враќање на праксата на плаќање на медиумски кампањи со јавни пари во приватните медиуми.

Најавите од Владата се дека се планира менување на медиумската регулатива во делот кој се однесува на забраната за рекламирање од централната и локалната власт во медиумите, поточно членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) со што би се дозволило емитување емитување на кампањи нарачани и платени од страна на јавните институции и за нив би бил откупен рекламен простор за емитување во приватните медиуми.

Според новинарските и медиумските здруженија, праксата во ЕУ земјите кои имаат поголема демократска традиција е целосна забрана за платено политичко рекламирање и за време и надвор од избори.

„Таквата забрана се оправдува со фактот дека радиодифузерите имаат големо  влијание на формирање на јавното мислење, а истовремено времето за емитување на политичко-пропагандни пораки на телевизијата чини многу пари. На тој начин оние центри на моќ кои имаат пристап до поголеми ресурси, посебно политичките партии кои се дел од власта се во поповолна ситуација од останатите партии, но и граѓански организации и движења, со што се остава простор за дискриминација. Регулирањето на овие прашања во оваа насока со закон се исклучително ризични на долг рок, зашто ќе се воспостави пракса од која веројатно нема да отстапи која било влада во иднина, а тоа може трајно да ја загрози улогата на медиумите“, велат здруженијата.

Тие напоменуваат дека во најголем дел од европските држави јавните соопштенија поврзани со теми важни за животот на граѓаните се бесплатни, а кај медиумите, вклучувајќи го и јавниот сервис, треба да има свест за општествена одговорност да објавуваат ваков тип на содржина.

„Секако, од медиумите се очекува сами да проценат дали пораките во овие кампањи или соопштенија се важни за здравјето или безбедноста на граѓаните и бесплатно да ги емитуваат, но не и да им да им биде откупен рекламниот простор со јавни пари, зашто на тој начин може да се влијае на нивната независност“, објаснуваат здруженијата.

Од ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека помош во работата на медиумите може да се направи преку политика на дополнително намалување на давачките на медиумите кон државата, како концесии, даноци, придонеси, како и преку поддршка на проекти од јавен интерес за производство на квалитетна медиумска содржина на јавен конкурс со прецизни критериуми и транспарентност при одлучувањето.

„На овој начин, би се поттикнале професионални новинарски содржини преку кои полза би имале граѓаните, а на долг план би се подобрила и медиумската програма зашто ќе остави простор медиумите да се натпреваруваат со квалитет, истражувања за корупција, анализи, документарци и едукативни содржини. Така повторно би се избегнала можната врска на политиката и медиумите, што опстојува како ризик, доколку се дозволи директно плаќање преку јавните кампањи“, дополнуваат тие.

Новинарските и медиумските организации повторно предупредуваат дека праксата со платени јавни кампањи во приватни медиуми се покажа како исклучително штетна во минатото, бидејќи со пари на граѓаните се вршеше притисок кон медиумите на нивната уредувачка политика.

„Во исто време преку овој систем се изигруваше јавниот интерес кој често беше на штета на граѓаните, а во полза на политичките партии што беа на власт. Освен ова, враќањето на оваа пракса дополнително може да го загрози кревкиот медиумски пазар на кој веќе се влијае преку јавни средства, пред сè преку платената политичка програма предвидена во Законот за избори, која се однесува на партиските кампањи пред избори кои се плаќаат од државниот буџет и претставуваат значителен процент од вкупниот годишен буџет на медиумите во нашата земја“, заклучуваат од ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ.