Јавните институции молчаливи – транспарентноста на незадоволително ниско ниво

Транспарентноста и отчетноста на јавните институции пред граѓаните е на незадоволително ниско ниво. Од вкупно 89 мониторирани јавни институции, од кои 15 министерства, помалку од половина односно 35 одговориле на над 90% од барањата за пристап до информации од јавен карактер. Дополнително, од 25 анализирани институции, ниту една ги нема јавно објавено сите документи кои се однесуваат на буџетските трошења, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Само Владата и Министерството за финансии објавиле над 40% од документите, додека останатите 23 институции се проактивно нетранспарентни. Ова се заклучоците од истражувањето за реактивната и проактивната транспарентност кај јавните институции во 2019 година, кое беше презентирано на денешната јавна дебата, организирана од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

„Клучно уназадување во 2019 година во однос на 2018 година има во добивањето одговори по редовна постапка односно од 87 отсто е намалено на 80 отсто од доставените барања. Ова значи дека институциите помалку го почитуваат правото односно обезбедуваат помал број информации по редовна постапка. Исто така, има уназадување во просечниот период за добивање одговор, кој од 68 зголемен е на 74 дена“, рече Дарко Антиќ, програмски координатор во ЕСЕ.

„Не се достапни ни базични информации, а некои институции немаат ниту веб страна. Најсвеж пример е студентскиот дом Пелагонија каде баравме информации за наше истражување за студентскиот стандард и увидовме дека нема своја интернет страница каде може да ги најдеме потребните податоци“, истакна Петар Барлаковски, програмски координатор во МОФ.

Учесниците на дебатата посочија дека унапредувањето на транспарентноста, отчетноста и партиципативноста во работењето на јавниот сектор е од клучно значење за идниот развој на земјата, особено во насока на исполнување на критериумите кои се дел од преговорите за членство во Европската Унија.

„Пандемијата со КОВИД-19 покажа ноа момент во делот на фискалната транспарентност односно зголемување на граѓанскиот надзор и контрола врз буџетските средства дали тие се потрошени за намената за кој се предвидени и дали стигнале до финалните корисници за кои биле наменети“, изјави Хелен Турек, главна регионална координаторка на ОВП за Европа.

Директните учесници во работењето на институциите очекуваат подобрување во овој сегмент, со оглед на мерките кои се преземени во последните неколку години, во насока на поголема транспарентност пред граѓаните.

„Најтешко е да ја промените културата на работење во институциите. Голем предизвик е да им се објасни на службениците на кои ова не им е главна работна обврска дека тие информации не се на министерството туку се на граѓаните. Сепак, имаме стратешки пристап, артикулирана желба во пишан збор која може да се следи и во крајна линија тука е Стратегијата за транспарентност која треба да ги покрие сите области“, рече Гордана Гапиќ Димитровска, државен советник во Министерството за информатичко општество и администрација.

Главни препораки на ЕСЕ за поттикнување на отвореноста на институциите се зголемување на свеста за важноста на ова прашање кај вработените во јавниот сектор, но и помеѓу граѓаните и компаниите, како и да се преземат чекори за ревидирање на владините мерки за унапредување на транспарентноста на институциите. Проектот за оценување на транспарентноста на јавните институции е поддржан од Европската Унија и од Фондацијата Отворено општество – Македонија.