Јавна расправа за изработка на Концепцијата за инклузивно образование

Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието започнаа јавна консултација за изработката на Концепцијата за инклузивно образование.

Креирањето на концепцијата е дефинирано во новиот Закон за основно образование, а Нацрт-верзијата е достапна за преземање на следниов ЛИНК.

„Концепцијата предлага мерки и стратегии со кои треба да се отстранат бариерите што го попречуваат спроведувањето на инклузивното образование и неговата одржливост. Во таа смисла значајно е секое училиште да може да ја препознае вредноста на различностите на своите ученици, да изнајде начини како да ги почитуваат истите, да ја прилагоди наставата на индивидуалните карактеристики на секој ученик, да ги зголеми и мобилизира постоечките ресурси со кои располага, со цел секој ученик да учи и да учествува во севкупното училишно живеење. Во случаи кога се идентификуваат поголеми потешкотии за учество во воспитно-образовниот процес, секое училиште треба да ги идентификува бариерите за учење со кои се соочува ученикот и да понуди соодветни стратегии за нивно надминување. На овој начин се овозможува, секој ученик да има пристап до наставата и учењето, како и учество и постигнувања во согласност со неговите потенцијали“, стои во воведниот текст од Нацрт-верзијата на Концепцијата за инклузивно образование.

Од МОН повикуваат сите заинтересирани чинители, кои ценат дека можат да дадат придонес кон подготовка на што поквалитетна содржина на овој документ, своите предлози, сугестии и забелешки можат да ги испратат на електронската адреса: snezanatrpevska@bro.gov.mk, најдоцна до 25 јуни 2020.