Јавна расправа: Единствено лошо од канабисот е што нема лошо

Има субвенции за тутун, а не за коноп!? Претпоставувам дека тутунот е поздрав!? Ова е небулоза. Со ослободувањето на канабисот, земјоделците ќе имаат заработка. Канабисот со рекреативна употреба ќе отвори работни места и цели нови индустрии. Од канабисот ќе се произведува добиточна храна, биодизел, пелети, лекови, а на криминалот ќе му се исече голема „ставка“ од операциите. Ќе се наплаќаат повеќе даноци, а ќе имаме порасположени и поздрави граѓани. Единствено лошо од канабисот е што нема лошо, рече Џон Илија Апелгрен од организацијата „Билка“, која денес иницираше јавна расправа за канабис во Собранието.

Во законодавниот дом на тема „Економски и здравствени бенефити од легализацијата на канабис“ зборуваа активисти, преставници од организации, од бизнис секторот, политичари, професори, доктори и полицајци, со цел да произлезат ефективни решенија и регулативи за растението.

Апелгрен ја нагласи важноста на канабисот од кој целото општество може да има корист. Раскажа дека неговиот ангажман во борбата за легализација започнал во септември 2013, кога бил уапсен неговиот пријател Кирил Поп-Христов.

„Кили беше уапсен затоа што во во својата куќа одгледувал растение кое го користел да се избори со канцерот, чумата на нашето време. Тогаш во мене нешто се прекрши, започнав да ја истражувам темата, па дојдав до заклучок за небулозата – забранета е билката! До скоро во Македонија немавме закон за медицинска употреба на канабис, а сега тој мора да се менува заради пропусти. Можеби требаше поголема визија со практиките од светот, анализирајќи искуства од Уругвај, Португалија, Израел… Идејата за штетноста за канабисот и класифицирање како ‘штетна дрога’ веќе е смешна. Најлошото што може да ви се случи е да заспиете, а за позитивните ефекти нема да ми стигнат и неколку часови говор“, рече тој.

Нагласи дека во Германија се препишува за 40-ина медицински состојби и болести, а кај нас само за четири (канцер, мултиплекс склероза, епилепсија и ХИВ). Ова се уште не е сменето. МАЛМЕД, вели тој, би требало да ги следи овие истражувања и укажувањата на СЗО и други светски организации за канабисот.

„Што се однесува до економијата, освен фирмите што добија лиценци за садење или екстракција на масло, или за едното и другото, законското решение не е идеално. Условите за да се занимавате со овој бизнис се чудни. Полесно е да садите афион, отколку канабис. Конопот кој не ја содржи ‘опасната’ состојка ТХЦ не смее да се засадува, наместо да им се дозволи на земјоделците масовно да го садат и продаваат на операторите. Може да екстрахираат ЦБД масло од конопот, со што капацитетите би им работеле попрофитабилно, а земјоделците не би го фрлале својот род или оставале да скапат на нивите, како што е пракса со бостанот и јаболките“, рече Апелгрен.

Адвокатот и претставник на „Билка“, Јанаки Митровски, потенцираше нужност за промена на државните политики за канабисот. Според него, моменталната состојба во Македонија е алармантна. Пред 10-ина година со законски измени во Кривичниот законик се додаде нов став 2 во членот 215, за „помало количество“ на наркотици, вклучително и за канабисот.

„Овa го злоупотреби Јавното обвинителство во 2009 година со задолжително упаство до сите јавни обвинители, па кај канабисот ‘помало количество’ се смета до пет грама, а над пет грама носи обвинение со интенција за продажба“, рече Митровски.

Нажалост, вели тој, нашите судови се сервилни на јавните обвинителства и ги прифаќаат обвиненијата, со што уживателите на канабис одговараат како да се дилери, со запретена казна од три до десет години.

„Имав странка која во нејзиниот дом беше пронајдена количина од осум грама. Значи едно пакување, без никаква никаков елемент за продажба, но истиот доби обвинение за намера за продажба. Вториот еклатантен пример е кога моја странка заедно со свој пријател уживале во канабис на јавно место, а запленетата количина беше смешна – 0,09 грама, бидејќи полицијата ги фатила како фрлаат отпушок. Кривичното дело е исполнето, член 216 постои, но друго сакам да истакнам. Отпушокот ќе се даде на вештачење. Најчесто се користи форензичката лабораторија на МВР. Сето тоа чини пари, вештачењето чини пари. Овластените службени лица чинат средства, ресурси на државата, а говориме за лица со низок степен на кривична одговорност. Членот 216, освен кога е за малолетни лица, треба да се избрише“, рече тој.

Затоа, иницираат измени во Кривичниот законик, за законски да се одреди која количина државата ја смета за „лична употреба“. Ова, според Митровски, ќе доведе до дестигматизација на уживателите на канабис, нивна декриминализација, но и директни и индиректни бенефити за државата, без непотребно да ги користи и онака оскудните ресурси.

За адвокатот, постои парадоксална состојба – доколку некој странец има значителни средства, тој ќе биде бизнисмен, ќе одгледува канабис без лимит, а некој граѓанин со блиско лице во семејството и дијагноза што може да се третира со канабис, тој ќе биде жестоко гонет. Меѓу другото, побара фокусот на контрола да се префрли од министерството за здравство до ресорот за земјоделство, а истовремено да се овозможи рекреативна употреба за полнолетни граѓани.

„Постојат повеќе модели, но за нас најприфатлив е оној за диспензери. Дополнително моделот предлага развој на микропретпријатија, дури и на мало семејно ниво, со задолжително вклучување на земјоделецот како важна алка“, рече Митровски од „Билка“, апелирајќи до пратениците да ја следат состојбата и да гласаат нужни законски измени.

Емилија Котевска, интернист и невролог, а сега директор и на медицински центар во близина на Варшава, посочи дека во Полска сите доктори можат да препишуваат канабис, освен ветеринарите. Полска за еден месец користи еден канабис за медицински цели.

„Потребата и побарувачката е огромна! Милион пациенти од 43-милионска држава чекаат на лекување. Затоа, тоа е еден предизвик и за Македонија. Во Полска не е комплетно легализирана, но докторите препишуваат марихуана за сите болести и состојби што сметаат дека ќе помогне на пациентот“, нагласи Котевска.

Таа е среќна што може да лекува со канабис. Месечно и’ доаѓаат над 600 пациенти за Паркинсова болест, Алцхајмерова болест, аутизам, хронични болки…

„Три години имаме масло со 5%, 10%, 15%, 30% ЦБД (состојка од канабисот). Јас сум пример, веќе три години лично користам ЦБД капки за Шеќерна болест. Отфртлив веќе две лекарства, добро се чувствувам. Морам да им кажам на жените дека ЦБД-то подмладува“, рече Котевска.

Специјалистот педијатар Aспазија Софијанова зборуваше за домашното искуство со канабис со деца. Раскажа дека пред два дена дете со птичји грип завршило со епилепсија, како позадинско нарушување, па му дале екстракт од канабис.

„Нападите со ниту една епилептична терапија не се подобрија. Но, овој медицински лек доведе до постепено смирување на тие напади. Конечно можеше да се смири и неговото семејство. Притоа, што добивме? Детето ќе може да ја прими соодветната терапија и таа да има ефект. Во суштина, канабисот има и седативно дејство, кое е важно при тумори и патолошки состојби. Имаме случај на дете што лежи дома со птичји груп, кое има тумор на мозок и два пати е оперирано. Болките кај ова дете се смирија!“, потенцираше Софијанова.

Тешко е, вели таа, кога ќе треба да се доживеат состојби на сцена, кога ќе дојде дете со патологија, со болест, па некогаш не може да му се помогне, а зад завесата чека цело семејство.

„Важен е емотивниот момент, клучен е во понатамошниот третман. Затоа, можам да кажам дека, од мое лично искуство, канабисот има ефект. Со колегите од Клиниката за детски болести и со професорот Дума од Неврологија, заедно направивме селективни студии дека спектарот на аутизам, кој е седум пати зголемен и секоја година расте, исто така може да се третира со канабис. Канабисот го смирува моторното надразнување, кое некогаш не може да се постигне со друг лек кај аутистичниот спектар“, забележа Софијанова.

Давор Ангеловски, долгогодишен активист и едукатор за канабис, исто така ги потенцираше медицинските бенефити. Како едукатор на медицински лица, Ангеловски искажа задоволство што доктори зборуваат за ова прашање, бидејќи низ неговата работа се уште чувствува стигма.

„Се уште некои доктори го сметаат за ‘дрога’, дека е ‘штетен’ и сл. Затоа, да кажам дека канабисот има околу 400 лековити состојки, од 113 до 117 се канабиноиди, а само една е психоактивна – ТХЦ. Но, тоа не значи дека треба да се плашиме од ТХЦ. Во светот досега не е регистриран ниту еден смртен случај од канабис. Екстрактот, капсулата што сабајлето ја употребив за мојата автоимуна болест е од 65-70%, па еве, стојам пред вас, слободно разговарам и немам некакви штетни дејства“, вели Ангеловски.

Околу употребата кај пациентите, вели тој, секогаш ќе постојат болести и состојби кај што ќе мора да се употребува ТХЦ, не само за канцер. Скоро за секоја болест е потребна комбинација од ЦБД и ТХЦ, но, истовремено, не треба да се заглавуваме само на овие две состојки.

Од друга страна, донесениот Закон за медицинска употреба на канабис е добра основа, но е дискриминирачки, „тесен“. Премалку се типовите доктори што можат да препишуваат канабис – само невролози, инфектолози, радиолози и онколози.

„И она што забележувам, е тоа што не можат да го препишуваат вработени во приватните установи. Не можам да сфатам зошто е така, бидејќи како пациент треба да имам право на избор каде да се лекувам. Да не губиме веќе време! Канабисот им е потребен на многу пациенти. Не само за смртно загрозените, за разни пациенти, меѓу кои и оние со Паркинсова болест, како мајка ми. Едноставно, не го сфаќам стравот кај докторите, во време кога кај нас дневно се обраќаат 50 до 100 лица што сакаат да употребуваат канабис. Плус, да не зборувам за рекреативната употреба… Стравот е нелогичен“, потенцираше Ангеловски.

Повтори дека, прво и основно, она што треба да се направи за пациентите е да се декриминализира личната употреба. Да им се помогне да не се плашат дали ќе завршат во затвор, или со било какви легални последици.

Силвана Манасиевска-Симиќ, професор на Земјоделски факултет при УКИМ, потенцираше дека поголемиот дел од нивните студенти премалку слушаат за конопот. Затоа, предложи факултетот да се вклучи во креирање на формални образовни студиски програми. Тие би вклучувале поголем дел за производство, до преработка на канабисот, со тоа би развивале програми од прв и втор циклус, или можеби развој на неформално образование.

„Исто така, фирмите кои вложуваат во државава да се вклучат во стипендирање, можеби и во давање одредени донации за подобрување на условите. И во дообука на нашиот кадар, и обучување на студентите што ќе учествуваат во производство на канабисот“, рече Манасиевска-Симиќ.

Смета дека во земјава се занамарува и еколошката функција на канабисот. Односно, можноста со канабис за фиторемедијација – метод во кој се употребува растение со способност да ги задржи и акумулира штетните материи од почвите. Канабисот ја има таа апсопциска моќ, пример за справување со тешките метали во велешките почви, или справување со линдан.

Професорот од Фармацевтскиот факултет, Ѓоше Стефков, пак, ја спомена можноста за анализа за канабис на овој факултет, со што се гарантира квалитет на производот. Исто така, нагласи дека се потребни повеќе лаборатории и инвестиции во научно-истражувачката дејност за канабисот.

Бојан Шашевски