Јавна дебата за новиот ДУП за Дебар маало: Граѓаните загрижени за здравјето и сообраќајната безбедност

Во преполната сала за состаноци на Канцеларијата за млади на Општина Центар вечерва се одржа јавната дебата за нацрт – деталниот урбанистички план за Дебар Маало. Пред насобраните граѓани се обратија претставници од Плоштад Слобода и Центарот на заедница на Центар, кои посочија дека новите урбанистичките планови се проблематични, како од аспект на безбедноста во сообраќајот, така и поради уништувањето на зеленилото на сметка на новите градби во општина Центар.

„Планот мора да се доработи така што сите детали ќе бидат повторно разгледани и направени со похуман пристап кон сите, а најмногу кон оние најранливи категории како децата, велосипедистите, постарите пешаци“, изјави претставничката на Здружението на родителите на Општина Центар.

Многу родители, додаде говорничката, изразуваат загриженост поради планот кој предвидува низ една од парцелите близу до училиштето „Коле Неделковски“ да поминува улица, бидејќи нивните деца ќе бидат уште поизложени на негрижата на возачите и на веќе густиот сообраќај.

Ивана Драгшиќ од Плоштад Слобода, рече дека ова се историски чекори за нив како граѓани, бидејќи неколку години наназад се обидуваат да ја вклучат заедницата на која ѝ припаѓаат во сите процеси на носењето одлуки.

„Најчесто не го слушаат нашето мислење и не ја сфаќаат сериозноста и експертизата со која ние располагаме, но ова е прв пат сериозно да бидеме прифатени и да се разгледа нашата иницијатива“, вели таа. „Имаме две цели: јавниот простор кој воопшто не е точка на разговор во последниве 5-6 години во нашиот град, а другата цел, која би можеле да ја постигнеме со овој процес, е враќањето на надлежностите во рацете на граѓаните“.

Присутните особено ги воодушеви и писменото  обраќање на режисерот Милчо Манчевски, кој како што наведува во писмото, поради работни обврски не успеал да биде дел од вечерашната дискусија.

Во повеќе наврати активистите искажаа дека се свесни дека самата Општина Центар не може да издејствува ДУП-от да биде изменет или да спречи некои промени во самата општина, поради што апелираат граѓаните да се вклучат во движењето и самите да се обидат да направат промена.

„Голем дел од јавното зеленило во Центар, пред сé во Мал Ринг,  е уништено на сметка на Скопје 2014. Наместо зеленилото, сега имаме два паркинзи претворени во плоштади, кои се сосема несоцијални и никој не ги посетува. Ваквите услови кои ги имаме денес не се од наш интерес и не ги заштитуваат ниту најмладите, а камоли другите“, додаде Драгшиќ.

Ова го потврди и жителка на Дебар Маало, која рече дека и во делот каде се предвидени нови градби лично ги избројала дрвјата кои иако се премалку, властите сакаат да ги исечат –а ги има само 28 стебла.

Граѓаните дискутираа и за значењето на терминот „простор од особен интерес“ во новиот ДУП, на што никој не успеа да даде задоволителен одговор, бидејќи станува збор за сосема флексибилен поим кој досега го нема во ниту еден закон.

Поддршка на присутните им даде градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски кој изјави дека во граѓанскиот сектор гледа свој најголем партнер, бидејќи, како што рече „ само со поддршката на најзасегнатите – граѓаните, може да се спречи понатамошното градење на приватни згради и паркинзи на сметка на дрвата, парковите и воздухот на центарци“.

Како што беше најавено на дисусијата, во следните два дена жителите на Центар ќе можат да поставуваат прашања до урбанистите и градоначалникот, на средби на кои ќе се разговара подетално за проблемите поврзани со ДУП-от во оваа општина.

Стефанија Тенекеџиева