Јавна дебата на Наставнички пленум утре во паркот пред МОН

Наставнички пленум организира јавна дебата на тема „До каде стигна македонското образование“ која ќе се одржи утре (среда) во паркот пред Министерството за образование и наука со почеток од 12:30 часот.

Од Пленумот информираат дека на дебатата, официјално со писма, се поканети Министерот за образование Абдулаќим Адеми, претставници од Бирото за Развој на Образованието, Државниот Испитен Центар и Синдикатот за Образование Наука и Култура.

„Имајќи ги во предвид повеќемесечните настани околу лошите реформи во образовниот систем во РМ (штрајк, протести, бојкот, екстерно, измени во законите), НП после сите случувања организира јавна дебата. Дебатата треба да покаже и донесе размислувања што направивме со образованието во Македонија во изминатиов период. Направивме ли образованието да биде столб на општеството или ги поткопавме темелите па столбовите и тие почнаа да паѓаат“, велат наставниците.

Од Наставнички пленум посочуваат дека присуството е на доброволна основа за сите засегнати субјекти во образованието – учениците, родителите, наставниците и претставниците на соодветни институции – кои не се плашат јавно да го искажат својот став.