Јавна дебата „Коноп – 1.000 зошто, 1.001 затоа“ во Градски парк

Граѓанското здружение „Зелена алтернатива“ на 24 јуни (сабота) со симболичен почеток во 4:20 часот (попладнето) на „Школка“ во скопскот Градски парк организира јавна дебата на тема „Медицински канабис и негова употреба“.

Според најавите, на настанот ќе учествуваат неколку еминетни доктори, професори и научници од странство. Дебата е промовирана под името „Коноп – 1.000 зошто, 1.001 затоа“, а е отворена за сите кои секојдневно користат, се лекуваат, препишуваат и произведуваат екстракти од канабис.

„Целта на настанот е сите заедно да дадат придонес, пациентите да ги споделат своите досегашни искуства со лекувањето со канабис, докторите да ги посочат секојдневните проблеми при препишување на лекот, и притоа, заеднички да се изнајдат соодветни механизми и решенија за институционални препреки, за достапноста на канабисот, различните начини на употреба, концентрациите и помошта на лица со разни болести и состојби, како и да се надминат некои дилеми околу канабисот, а истовремено и да се зајакне довербата помеѓу пациентите и лекарската фела“, велат од „Зелена алтернатива“.

Од Здружението сметаат дека оваа дебата ќе придонесе за запознавање на јавноста со досегашните искуства од употребата на канабисот и претставува одлична можност за одредување на насоките за во иднина, за градење на заедничка стратегија за усовршување на политиките за медицинската употреба на канабис.

„Ни претставува огромна чест и задоволство да Ве поканиме да присуствувате на овој настан, како важен субјект во градењето на политиките во нашата држава и подржувач на граѓанските иницијативи за создавање на граѓанско демократско општество, кое ќе се грижи за правата и слободите на своите граѓани“, стои во најавата за настанот.

Инаку, на настанот се најавени докторите Пол Хорнби (Канада), Роберт Меламед (САД), Лумир Хануш (Израел), како и докторите Нико Беќароски, Милан Ристевски (директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје) и Аспазија Софијанова (директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести – Скопје).