„Кој се плаши од културите на Другите?“ е тема на јавната дебата што ќе се одржи утре, 30 мај, со почеток во 18:30 часот во Културно-социјалниот простор Центар Јадро.
Говорници ќе бидат Алмира Папиќ, Суад Скендери и Џабир Доко, а дебатата ќе ја модерира Амона Земон.
„Културата на помалите заедници е еден од најранливите и најзапоставените сегменти на нашиот културен екосистем: уметниците и здруженијата кои ја негуваат подолг период укажуваат дека немаат вистинска поддршка од државата или странските фондации“, велат организаторите.
Според нив, иако постојат иницијативи како „Декадата на Ромите“ и Стратегијата „Едно општество и интеркултурализам“, капацитетите тешко се градат, организациите стагнираат, а плановите за културни институции на заедниците постојано се одложуваат.
„Без системска поткрепа ваквата уметност не може да процвета; протоколарните прослави и спорадичните мали проекти се недоволни за нивните амбиции. Ова ја загрозува и различноста како клучен столб на културните политики на УНЕСКО, но и мултикултурализмот како темелна вредност на нашето општество“, додаваат тие.
На оваа дебата, млади, но докажани уметници и активисти од културните институции и здруженија на помалите заедници ќе направат пресек на сегашната состојба, ќе укажат на проблемите, но и ќе дадат предлози за надминување на состојбата. Тие ќе упатат и апел до институциите за поголема поддршка за културата на заедниците.
Алмира Папиќ е наставничка, публицистка и уредничка, позната по својата посветеност на афирмацијата на босанскиот јазик и култура во Македонија. Таа е авторка на неколку дела, меѓу кои и првиот македонско-босански речник. Уредничка на едиствениот весник на босански јазик „Шадрван“, кој претставува значајна платформа за мултикултурен дијалoг.
„Со својот ангажман, Папиќ остава длабока трага во образованието и книжевноста“, истакнуваат организаторите.
Суад Скендери е еден од основачите на Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико и менаџер на програмата за Политика. Дипломирал политички науки, меѓународни односи и новинарство на универзитетот ФОН, а подоцна се стекнал со магистерски студии на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта на политички науки со специјализација методологија на истражување. „Неговиот труд е забележан во многу научни списанија, истражувања, книги, оп -еди и други трудови“.
Џабир Доко е театарски режисер со долгогодишно искуство во активизам за човекови права, демократија и културна разновидност. Неговата работа е фокусирана на турската заедница во Македонија, но активно ги следи и предизвиците на другите етнички заедници во областа на образованието, културна и институционалната претставеност. Две години беше заменик министер во Министерството за односи меѓу заедниците каде работеше на зајакнување на правата и видливоста на заедниците. Длабоко верува во моќта на уметноста и колективниот активизам како алатки за социјална промена.
Амона Земон е политолог со фокус на човековите права и недискриминација. До неодамна беше ангажинара во Советот на Европа во Стразбур, каде што работеше во областа на заштита на правата на националните малцинства и малцинските јазици. Академскиот ангажман го развива на Универзитот во Грац, Австрија на мастер студиите по Југоисточна Европа. Нејзиниот пристап комбинира истражувачка посветеност со практичен ангажман, со цел да придонесе кон поправедни, инклузивни и демократски општества.
Јавната дебата „Кој се плаши од културите на другите?“ е дел од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“ на ЗГ Есперанца Светски културен центар, Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) и Центар Јадро Скопје, кој е поддржан од програмата „Ваха 3: Враќање на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“. Ваха е Иницијатива на Анадолу култур и Зуса, финансирана од Фондацијата Меркатор и Европската културна фондација.