[Фото + видео] Три дена маалски дружби, приказни и уметност на „Маалски фестивал“

Во изминативе неколку денови се одржуваше второто издание на „Маалски фестивал“, со низа настани што вклучија книжевност, музика, танц, работилници, филмски проекции, прошетки по маало… Исто така, беше претставен и нов мурал на објектот на организаторот Центар-Јадро.

Важен елемент од „Маалски фестивал“ беше и вклучувањето на заедницата од општина Центар, но отворен и за сите други граѓани од Скопје и Македонија.

Па така, во Монтажната/Мобилна галерија во Паркот на Франкофонија се случи работилницата за изработка на урбана опрема, односно „Работилница за све и свашта“ под водство на Никола Писарев, каде можеа да учествуваат сите заинтересирани граѓани.

Роботи, пеперутки, самовили и чудовишта… се појавија на дефилето на учесниците на работилницата за изработка на костуми од картони, под менторство на Доротеј Нешовски и Ана Трајковска.

Децата учесници – заедно со уметниците прошетаа низ маало, носејќи ги изработените костуми и на минувачите им го покажаа шаренилото на детската перспектива.

Посетители во Центар-Јадро видоа самовили, Барбика од антика, Месечина што плаче, коса со супер-моќи… само дел од книжевни ликови, гости на книжевниот бал, направени аналогно или со вештачка интелигенција преку непредвидливи кЛИКови и кирилични формули. Ликовите и нивните приказни беа бројни и посебни, книжевно-имагинарни светови.

Сето ова произлезе од дводвневната истоимена работилница „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“, под менторство на компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска, како продолжение на првата дводневна работилница „Пиши-бриши, само не оставај на seen!“.

[Фото] „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“ за бегство од комерцијалното издаваштво и дигиталното објавување

На Боемска улица се случи АртБазарот за книги и ракотворби. Граѓаните можеа да дојдат и да ги поддржат локалните издавачи и ракотворци.

„Маалски фестивал“ немаше да биде тоа што е, ако немаше и раскажување маалски приказни близу клупата на Горан Стефановски во познатото Дебар Маало.

Пред клупата на Стефановски, посетителите на „Маалски фестивал“ и случајните минувачи се размрдаа со кратката, но слатка, танцова точка на Beatrix Crew.

Поетесите Ива Петреска, Марија Велинова, Александра Спасеска и поетот Андреј Медиќ Лазаревски со своите стихови ги опсадија дебармаалските улици.

Тие, читајќи ги своите песни се прошетаа низ пазарот Буњаковец, низ сокачињата, па кај клупата на Горан Стефановски, за на крај да завршат во Градски парк.

Младите поети од „Култура Бета го очудија денот на посетителите на Маалски фестивал, пазарџиите и случајните минувачи.

Се слушаше и звукот на чуднозвучните инструменти!

Во Паркот на франкофонија, вториот ден од „Маалски фестивал“ се одржа еднодневна работилница за изработка на чуднозвучни инструменти под менторство на Тома Димовски

Учениците изработуваа тапани од картонски кутии и инструменти од необични материјали.

Во Oz.mk имаше проекција на кратки документарни и играни филмови.

На проекцијата присутните ги гледааа филмчињата на учесниците од работилницата за аматерски филмови „Око“, под менторство на режисерката Марија Џиџева и Риџет Ферати. Нивната работилница беше фокусирана на дијалог и опсервација, со деца од „Колектив ветерница“.

Веднаш потоа беа проектирани и два филма на авторот Филип Волкан, кој беше дел од „video_workshop.mov“, работилница за видео под менсторство на Денис Сарагиновски.

Малиот филмски маратон финишираше со филмовите „Лубеница“ и „Моето омилено место“, дело на тимот на Марви.

„Пратеникот“ го посети „Маалски“.

Во продукција на Интимен театар – Битола, вториот ден на Маалски се заокружи со театарската претстава „Пратеникот“, по текстот „Народен пратеник“ на Бранислав Нушиќ, како и документарни материјали. Претставата ја обработува љубовта во време на либерален капитализам

„Пратеникот“ зборува за борбата на емоционалната човечка природа, со притисоците на општествениот систем што дехуманизира. Претстава за злото. Претстава за исконската потреба на човекот да доминира, да победува и да покорува. Претстава за тагата и за бесмислата, а во исто време претстава за надежта.

„Пратеникот“ е во режија на Софија Ристевска Петрушева, а актерската екипа ја сочинуваат Катерина Аневска Дранговска, Валентин Дамчевски и Борис Богдановски. Композитор е Александар Талевски, а костимограф на претставата е Валентин Дамчевски.

Третиот и последен ден од „Маалски фестивал“, беше во знак на БОШ јубилејот. По повод јубилејот од 15 години беше промовирана музичката компилација „Срча“ во форма на аудио ЦД составено од артисти, кои биле дел од музичката програма на БОШ фестивалот во текот на овие 15 години.

„Ова е БОШ. Ова сме ние. Ова се наши пријатели. Ова е втора компилација на БОШ Фестивал. Ова е прво издадено аудио ЦД на БОШ. Ова е роденденско издание. Ова е 15-ка“, рекоа од БОШ.

Таблите од графичката новела „Зомбиленд“ нацртана од уметникот Горан(д) Дачев ги зарази ѕидовите на Центар-Јадро.

Пародијата на современиот начин на уживање е илустрирана од Горан(Д), а по текст на Емил Алексиев.

Посетителите имаа можност да ги разгледаат и двете БОШ приказни илустрирани од Горан(д) – „Опуштено“ и „Те сецна малио“.

„Mammoth & Yashem“ со својот настап го заокружи второто издание на „Маалски фестивал“.

Eлектронските балади за спор танц, беа совршен крај за претходните динамични денови.

„Маалски фестивал“ од 22 до 24 септември се случи во организација на Центар-Јадро, а со поддршка на Општина Центар и Министерство за култура.

Фотографии во текстот: Центар-Јадро