Јавна дебата и промоција на зборник „Збор и слобода“

Проектот на УСАИД за граѓанско општество утре во 12 часот вo просториите на ГЕМ клубот (Стара Скопска чаршија, Менада) организира јавна дебата, а воедно и промоција на зборникот на тема „Збор и слобода“.

Јавна дебата и промоција на зборник „Збор и слобода“

На дебатата говорници ќе бидат: Тамара Чаусидис, Мери Јордановска, Васко Лазаревски и Артан Садику.

Зборникот „Збор и слобода“ е подготвен од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје во партнерство со Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) од Гостивар и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ), кој во изминатите шест месеци го реализираше проектот „Градење на алијанси за слободно новинарство и демократско општество“ во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ).

Овој проект имаше за цел да отвори широка општествена дебата за важноста на медиумската слобода за општиот прогрес на граѓаните, како и вмрежување на граѓански организации кои ќе придонесат кон зајакнување на новинарската слобода и јакнење на демократијата, соопштуваат оттаму. Финалната активност на проектот е објавување на Зборникот во кој истакнати автори даваат критички осврт врз состојбата со медиумите и граѓанското општество.