Јавен повик за учество на годинешниот „БИТФЕСТ“

Општина Битола објави јавен повик за учество во програмата на годинешното битолско културно лето „БИТФЕСТ-2016“.

Предлагачи на програмски содржини може да бидат институции, здруженија на граѓани, неформални групи и поединци кои ќе понудат идеи од областа на музичко сценска уметност, ликовна уметност, театар, видео, фото и филмска уметност, потоа литература, фолклор и нови уметности.

– Повикот ќе биде отворен до 3 мај и до тогаш очекуваме со пополнета апликација секој иницијатор на програмски настан истиот кусо да го образложи за да потоа биде селектиран. Очекуваме и оваа година голем интерес за учество на „БИТФЕСТ“ и пријавувања како од институциите со локален и национален предзнак, така и од бројните здруженија на граѓани, но и поединци, информираат од општина Битола.

Во рамки на „БИТФЕСТ“, традиционално ќе се одржат и големите интернационални анифестации како што се „Битола Шекспир фестивал“, „Илинденски денови“ и други.