Јавен повик за млади за учество во обуки за претприемништво и изготвување на бизнис-план

Советот на млади на Општина Центар – Скопје во рамките на проектот „Центар за претприемаштво“ објави повик за учество на три обуки за млади претприемачи (26.11.2016), бизнис план (3.12.2016) и работилница за развој на бизнис план (10.12.2016), што ќе се одржат во просториите на Канцеларијата за млади.

Во обуката за млади претприемачи учесниците ќе бидат запознаени со основите на претприемаштво, основањето и водењето на бизнисот, со успешните приказни на глобално и локално ниво. Во текот на обуката учесниците ќе се запознаат и со аспектите на социјалното претприемаштво и концептот на старт-ап бизнисите. Учесниците ќе бидат поделени во групи врз основа на информациите што ќе ги добиеме при апликациите за учество.

Во втората обука учесниците ќе се здобијат со подетално знаење за бизнис-планот и со сите негови компоненти: опис на бизнис-идејата, истражување на пазарот, анализа на конкуренцијата, фактори за успех, бариери за инвестирање, маркетинг-стратегија, ресурси, финансиска анализа, трошоци за почеток на бизнисот и др. Во соработка и со помош на обучувачите, учесниците поделени во тимови ќе ги разгледаат своите идеи во контекст на бизнис планот, но и ќе бидат насочени на размислување и започнување со пишување на проектите/идеите во периодот до наредната обука.

Работилницата за развој на бизнис-плановите ќе биде искористена за конкретно преточување на идеите во бизнис-планови. Учесниците поделени во групи ќе работат на своите идеи во текот на целата обука, и на тој начин ќе бидат во можност да се консултираат и да бидат насочувани од обучувачите во својата работа.

Преку учеството во обуките, учесниците ќе се здобијат со знаење што ќе им помогне во изработката на бизнис-план со кој би аплицирале на јавниот повик за наградување на изработени проекти (бизнис-планови) на Општина Центар- Скопје во рамките на проектот „Центар за претприемаштво“.

Бројот на учесници во обуките е ограничен, а селекцијата на пријавените кандидати ќе биде извршена според редоследот на пријавување.

Заинтересираните треба да пополнат апликација и да ја пратат на е-адресата: centarzapretpriemnistvo@gmail.com  најдоцна до 23.11.2016 година.