Јавен настан „Оганот не простува, а шумата е живот“ на 26 јули во Берово

Здружението за еко животна средина-зелен раст и одржлив развој „Eко зелено движење“ – Берово и „Центарот за климатски промени“ од Гевгелија на 26 јули (сабота) од 18:30 до 21 часот на плоштадот во Берово ќе одржат едукативен јавен настан за превенција од шумски пожари со наслов „Оганот не простува, а шумата е живот“.

„Целта на настанот е да се подигне свеста кај граѓаните и туристите за ризикот од шумски пожари, да се овозможи практична едукација за превенција, безбедна реакција и заштита, да се зајакне институционалната соработка и да се поттикнат локални партнерства, а во програмата посебно место имаат креативните активности за најмладите и нивните семејства“, посочуваат здруженијата.

Од таму велат дека публиката ќе има можност да ги проследи фактографската презентација на претставниците на Националното здружение на сопственици на приватни шуми, демонстрацијата на противпожарна опрема на ТППЕ Берово, излагањата на службите за заштита и спасување и Шумската полиција, интерактивниот панел со прашања, детскиот креативен блок „Шумата е наш дом“, но и симболичното засадување дрво и потпишувањето на декларацијата „Јас не палам“.

Јавниот настан се спроведува со поддршка од Општина Берово, ТППЕ Берово, Подрачното одделение за заштита и спасување, ЈП Национални шуми / Шумска полиција, Национално здружение на сопственици на приватни шуми, Доброволното противпожарно друштво – Пехчево и локалната градинка.