Јавен час за сеопфатно сексуално образование

Јавниот час по сеопфатно сексуално образование ‘ќе се одржи во понеделник (16 мај) на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Целта е присутните да се запознаат со потребата од сексуално образование, како и зошто е потребно како дел од образовниот процес.

Часот ќе трае 45 минути и започнува во 11:00 часот, а ќе го одржат сертифицирани едукаторки и едукатори од ХЕРА, заедно со водителот и активист Огнен Јанески.

„Велиме сеопфатно, бидејќи ќе се поминат сите седум теми за кои треба да се зборува со младите: род, сексуално и репродуктивно здравје, граѓански аспекти, задоволствово, различност, насилство и врски и односи. Часот им е наменет на истакнати јавни личности од сите сфери на општеството, но е отворен за сите заинтересирани“, појаснуваат од ХЕРА.

Младите во ХЕРА го прават овој настан поради тоа што во Македонија учебниците имаат многу малку релевантни информации, додека на училиште додаваат, најмногу може да се научи за стереотипи и научно застарени податоци. Иако националните стратегии и политики предлагаат да се унапреди наставната програма во делот за сексуалното и репродуктивното здравје, од ХЕРА се децидни дека надлежните образовни институции досега не презеле конкретни чекори за подобрување на состојбата.

ХЕРА Млади, со оваа акција, истовремено го одбележуваат и денот на Визија 2020 (кој претставува документ заложба на Меѓународната федерација за планирано родителство -IPPF ) со кој на меѓународно ниво се бара од владите да преземат мерки за унапредување на сексуалното и репродуктивно здравје и права.