„Јас сум магаре, се паркирам каде сакам“ – налепници за невнимателните возачи во Солун

Срамот на луѓето е една од главните алатки кои ги користи Организацијата за правата на пешаците од Солун, во борбата со лошите практики на невнимателните возачи. Тие се познати по тоа што нивните активисти лепат најразлични налепници на непрописно паркираните автомобили, а една од нив дури гласи и „Јас сум магаре, се паркирам каде сакам“. Антонис Карагиоргас, претседател на оваа организација, во интервју за Радио МОФ говори за овој вид активизам, како и за реакциите на возачите кога ќе ги видат новите стикери на нивниот автомобил.

„Јас сум магаре, се паркирам каде сакам“ – налепници за невнимателните возачи во Солун

Се одлучивте за интересен вид активизам, за освестување на возачите и намалување на сообраќајот во Солун. Зошто?

Ова е еден од главните проблеми на Солун, многу е загаден, има многу гужви и имаме голем проблем со циркулацијата низ градот. Во оваа околина, во оваа рамка ги имаме кутрите пешаци кои се обидуваат да прават „слалом“  низ сите тие автомобили на улиците. Тие се паркираат илегално насекаде.

Како дојдовте до идеја да формирате организација за правата на пешаците?

Се почна во средината на 2000-тата година кога ја направивме оваа организација, бидејќи ние имаме филозофија дека луѓето треба да се справуваат со нивните проблеми самите, наместо да имаат претставници да им ги решаваат. Според овој принцип ја направивме Организацијата за правата на пешаците во Солун и се обидуваме да го направиме она што можеме.

Го критикувате однесувањето на возачите на многу иновативни начини. Понекогаш дури и лепите налепници на погрешно паркираните возила…

Со оваа налепница се обидуваме да го карактеризираме глупавиот возач кој им прави проблеми со мобилноста на луѓето, или да не можат да ја поминат улицата. Тој е опасен и затоа ние мораме да бидеме многу цинични со него. Добиваме многу позитивни реакции за она што го правиме, особено со таа налепница. Таа има порака, која е цинична, хумористична, но и едукативна.

Какви се реакциите на возачите?

Има луѓе во Грција кои си ги обожуваат своите автомобили, не сакаат некој друг да ги допира. Понекогаш велат дека лепакот тешко се вади, но тоа не е точно, тој може лесно да се отстрани. Ако не однесат на суд, ова не е криминал. Не го уништуваме нивниот имот, зашто налепницата може да се извади, не толку лесно, но сепак се вади.

Соработувате ли со локалните власти и дали тие имате реакции за вашиот активизам?

Многу пати градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, во медиумите знае да се појави со некоја наша налепница. Тој не направи многу познати.

Колку е важна борбата за кревање на свеста за одговорното однесување на возачите?

Многу е важен активизмот. Ние треба да ги напуштиме нашите каучи и да излеземе надвор да се бориме и тоа ние го правиме. Ова е многу политичко прашање, мора да се бориме за воздухот, водата, па исто така мораме да се бориме и за просторот во кој се движиме. Инаку, ќе останеме затворени во нашите станови, без воопшто да излегуваме надвор.