Јапонско лизгалиште со „декорација“ од 5000 мртви риби осудено за суровост кон животните

Забавниот парк Space World во западна Јапонија предизвика бура од критики на социјалните медиуми, откако „декорираше“ лизгалиште со 5000 мртви риби, по што беа принудени да ја затворат атракцијата.

Лизгалиштето било отворено на 12 ноември, а се затвори во неделата.

Околу 25 различни видови риби можеле да се видат под мразот со должина од 250 метри. Паркот во Китакјушу го отвори „Ледениот аквариум“ како „атракција за која никогаш не се слушнало“.

Генералниот менаџер на Space World, Тошими Такеда, изјавил дека многу осудувачки пораки биле објавени на социјалните медиуми, а многумина ги критикувале дека злоупотребуваат и малтретираат живи суштества.

Такеда вели дека идејата била рибите во мразот да „дадат чувство како да си во океан“, и дека забавниот парк „многу се кае што предизвикал непријатни чувства“.

Од Space World велат дека рибите биле купени од пазар и веќе биле мртви кога водата била замрзната. Планираат да одржат „бдеење“ откако ќе ги извадат рибите од лизгалиштето.