Јапонски милијардер организира приватна експедиција на Месечината со осум луѓе од целиот свет

Јусаку Маезава, онлајн моден тајкун, во 2018 година стана првиот човек што резервираше место на вселенскиот брод што го развива „СпејсИкс“ („SpaceX“), пишува Гардијан.

Маезава, кој плати непозната сума за патувањето што се очекува да започне најрано во 2023 година, првично рече дека планира да покани шест до осум уметници да му се придружат на патувањето околу Месечината. Но, потоа во видео објавено на неговиот профил на Твитер, тој соопшти поширок процес за пријавување.

„Ве поканувам да ми се придружите во оваа мисија. Осуммина од целиот свет “, рече тој.

„Ги купив сите места, така што ќе биде приватно возење“, додаде тој.

Маезава (45) рече дека неговиот првичен план за поканување уметници „еволуирал“ затоа што тој верува дека „секоја личност што прави нешто креативно може да се нарече уметник“.

Јапонскиот претприемач рече дека апликантите треба да исполнат само два критериума: да бидат отворени за креативно истражување и да бидат подготвени да им помогнат на другите членови на екипажот да го сторат истото.

Вкупно, тој рече дека околу 10 до 12 лица ќе бидат на бродот, кој се очекува да се сврти околу Месечината пред да се врати на Земјата.

Краен рок за пријавување е 14 март, додека конечните интервјуа и медицински прегледи се закажани за крајот на мај 2021 година, според веб-страницата на Маезава.

Тој и неговата група астронаути ќе станат први лунарни патници од последната мисија на Аполо во САД во 1972 година – ако „СпејсИкс“ („SpaceX“) успее да го спроведе патувањето.

Минатиот месец, прототип на  „Старшип“ („Starship“) се урна додека се обидуваше да слета по пробниот лет. Ова беше втора ваква несреќа, откако последниот прототип бродот доживеа слична судбина во декември.

Но, компанијата се надева дека ракетниот систем со повеќекратна употреба, еден ден ќе носи екипаж и товар до Месечината, Марс и пошироко.

Маезава, познат по своите ексцентрични коментари и екстравагантен начин на живот, вклучувајќи склоност кон скапа уметност, минатата година беше проценет на околу 1,9 милијарди долари, што го прави еден од најбогатите луѓе во Јапонија.

Своето богатство го заработи како основач на онлајн продавницата за мода „Зозо“, која му ја продаде на „Јаху – Јапонија“ во 2019 година.

Маезава претходно се најде на насловните страници со оглас преку интернет за девојка да му се придружи на неговиот лет на СпејсИкс – за нагло да го откаже повикот, и покрај тоа што привлече речиси 30.000 кандидатки.