Јапонската виолинистка Акико Суванаи ќе настапи со Македонската филхармонија

Јапонската виолинистка Акико Суванаи ќе настапи со Македонската филхармонијаМакедонската филхармонија во четврток (17 јануари) ќе го изведе првиот концерт во 2013 година од циклусот „Виртуози“, на кој како солист ќе настапи јапонската виолинистка Акико Суванаи. Концертот ќе го води српскиот диригент Владимир Куленовиќ, кој живее и работи во САД.

Суванаи со Македонската филхармонија ќе го изведе епскиот „Концерт за виолина и оркестар“ на Антонин Дворжак и првпат на македонска сцена „Романските фолклорни танци“ од Бела Барток во симфониска верзија. На програмата е и маестралната „Симфонија бр. 1“ на Јоханес Брамс, која се издвојува како едно од неговите најдраматични дела.

Филхармонијата информира дека Акико Суванаи со своето извонредно техничко мајсторство и впечатлива сценска појава и енергично музицирање е се уште најмладиот победник во историјата на меѓународниот натпревар „Чајковски“ во Москва.

Таа свири на виолина изработена од легендарниот италијански мајстор Антонио Страдивари. Наречена е „Делфин“ и претходно му припаѓала на Јаша Хајфец, кој е еден од најважните виолинисти на 20 век.