Јапонска фирма работи на слушалки што го откриваат идентитетот на човекот

Јапонската фирма NEC најави дека работи на создавање перничиња за слушалки кои можат да го потврдат идентитетот на сопственикот. Од компанијата велат дека технологијата функционира така што се пушта звук и потоа се врши проверка како звукот се одразува во ушниот канал на оној што ги носи слушалките. Ова може да помогне во биометриската проверка, каде ќе послужи како алтернатива на сензорот за отпечатоци и скенерот за очи.

Компанијата соопшти дека планира да направи производи кои ќе бидат достапни пред крајот на 2018 година. Според познавачите, ова нуди свежа алтернатива во проверките, меѓутоа, предупредуваат дека иновацијата би можела да се сврти против нејзиниот корисник. Од NEC велат дека перничињата за слушалки можат да се искористат за да се направи проверка на идентитет за една секунда.

Слушалките треба да бидат опремени со микрофон, појаснуваат од компанијата, со цел да ги снимаат брановите што се создаваат при примање звук, а се рефлектираат низ тапанчето. Со оглед на тоа дека обликот и големината на ушите кај секој човек се единствени, резултатите од податоците можат да се користат за да се разликуваат поединците.

„Тоа овозможува природен начин на спроведување континуирана проверка, дури и при движење и работење, едноставно со носење на слушалка со вграден микрофон и слушајќи звуци во ушите“, изјави менаџерот на NEC Шигеки Јамагата.

Компанијата верува дека нивната технологија ќе овозможи веродостојна проверка, во повеќе од 99 отсто од случаите.