Јаниќијевиќ: Министерката вети дека нема да се укине Младинската сцена при ТДМ

Министерката за култура , Елизабета Канческа Милевска ветила дека нема да се укине Младинската сцена при Театарот за деца и младинци, тврди режисерот Срѓан Јаниќијевиќ за ТВ Телма, по вчерашната договорена средба во Министерството.

Реакцијата на Министерството доаѓа откако пред три недели новиот директор Братислав Димитров најави дека нема да поддржува претстави за кои се купуваат малку билети, со што беше доведен во прашање опстанокот на Младинската сцена.

Според Јанаќијевиќ, министерката Канческа-Милевска смета дека Младинската сцена при Театарот за деца и младинци мора да постои. Воедно, побарала да не се нарушува востановениот репероарски концепт:  една детска, една куклена и една претстава за младинци, годишно.

„Министерката рече дека лично ќе се ангажира да види кои проекти се испратени до комисијата и дали се сите проекти. Значи сите проекти од претходниот директор и евентуално новите проекти на новиот директор. Што е малку чудно зашто тој има намера да ја укине сцената. Така што нема свои проекти. Посебно не за Младинската сцена“, вели Срџан Јаниќиевиќ.

Покрај Владимир Милчин, Лука Кортина и Билјана Радиноска, Јаниќиевиќ е еден од режисерите чии понудени текстови за Младинската сцена , за сезоната 2015/2016 , беа стопирани од новиот директор Братислав Димитров.

По реакциите на режисерите Милчин, Јаниќиевиќ и Кортина, Димитров се премисли и најави дека сепак ќе им даде шанса на претставите од оваа сцена, режирани од Милчин, доколку добро поминуваат на билетарам со образложение дека тематски се неподобни и дека се повторуваат исти режисери повеќе години во театарот. Димитров не ги прифати предлог текстовите за новата сезона на четирите режисери. Со писмен допис до јавноста, во одбрана на Младинската сцена, минатата недела застанаа и актерите од ТДМ.