Наместо училиштата да им делат парталави и неупотребливи учебници на учениците, треба да ги пријават во електронскиот систем на Министерството за образование и наука (МОН) и истите ќе бидат заменети со нови пред почетокот на новата учебна година. За оваа намена обезбедени се буџетски средства и нема потреба да ги разочаруваме ниту учениците, ниту нивните родители кои оправдано реагираат до министерството дека нивните деца добиваат учебници без корици и искинати страници, изјави денеска министерката Весна Јаневска.
„Овој предизвик воопшто не треба да постои. Секое училиште има комисија за учебници која лесно може да процени дали еден учебник може или не може да се употребува и тоа што не е за употреба, не смее да се враќа во библиотечниот фонд и потоа некому да се доделува. Треба да се извести Педагошката служба при министерството и потребниот тираж ќе биде надополнет“, рече Јаневска, изразувајќи очекувања за поголема ажурност на членовите на училишните комисии за учебници.
Таа потсети дека учебниците од прво до трето одделение секоја учебна година се печатат во полн тираж, па така ќе биде и оваа, со оглед дека станува збор за таканаречени „работни учебници“ кои содржат материја што се пополнува со пишување, боење и сечење.
„Нови учебници со надградена содржина ќе има и за седмо одделение, затоа што од септември започнува примената на нови наставни програми. Се сеќавате дека ја модифициравме Kонцепцијата за основно образование на претходната Влада, која предвиде интегрирање на предмети како историја и географија, хемија и физика во седмо. Ги одвоивме, на барање на пошироката јавност, а најмногу на барање на наставниот кадар и затоа имаме нови наставни програми и нови одобрени учебници кои наскоро влегуваат во процес на печатење“, истакна министерката.
Јаневска додаде и дека учениците во основните училишта ќе имаат учебници по сите странски јазици.
„Цели шест години, не беа набавени учебници по англиски, француски, германски и така натаму. Како нова Влада се заложивме уште минатата година да го спроведеме овој процес и ќе успееме да го завршиме. На 1 септември, за сите странски јазици во основните училишта ќе има нови учебници“, вети министерката.
Нови учебници по дел од предметите ќе има и во гимназиското и во средното стручно образование.
Според Јаневска, учебниците се еден од клучните фактори за квалитет на образовниот процес, покрај мотивираните наставници, наставните програми и инфраструктурата. Изрази благодарност до сите вклучени во постапките за нивна изработка, набавка и навремена испорака.
Годишно во просек за набавка на учебници, министерството издвојува околу 660 милиони денари.