„Ј А С Н Е М А“ – моќен перформанс за врсничкото насилство кај младите

Победникот на ДАФ 2019, аматерската театарска група КУНСТВЕРКШТАТ на Младинскиот образовен форум, изминатиот викенд премиерно го одигра својот нов перформанс „Ј А С Н Е М А“. Моќната и впечатлива изведба на младата група зборува за врсничкото насилство кај младите и последиците кое тоа ги остава.

„Сакавме преку неколку приказни да прикажеме ралични видови врсничко насилство, како тие влијаат на жртвите и колку сериозни последици може да остават врз нив“, вели Христина Мирчевска, млада актерка која е дел од групата.

„Темата сама по себе е тешка и сериозна па поради тоа имавме и малку постудиозен пристап за време на подготовките. Во неколку наврати издвојувавме и сопствени искуства, кога ние сме биле напаѓани или пак сме биле напаѓачот.“, дополнува таа, опишувајќи го процесот на подготовка за изведбата.

Автор и режисер на перформансот е Дени Стојанов, а во него учествуваат 8 млади актери.

Актерската група КУНСТВЕРКШТАТ

Во текот на целата изведба, актерите наизменично ги заземаат главните улоги во кои преку кратки монолози прикажуваат неколку различни случаи во кои нивните ликови се жртви на насилство.

„Ј А С Н Е М А“ става фокус на физичкото и психичко малтретирање, навредите поради изгледот, стилот на облекување, сексуалната ориентација и разни други лични определби. Според Христина, ова се најчестите причини поради кои завршува со доживотни трауми кај жртвите, а во одредени случаи и трагично.

„Постојат повеќе фактори кои ги ,,обликуваат” навредувачите: семејната ситуација, раната социјализација, просветните работници, заедницата, друштвото и други влијанија.“, објаснува Христина.

Целта на театарскиот перформанс е да навлезе во корените на проблемот, да прикаже како се чувствува жртвата и да го опише влијанието на оваа појава.

Младите ентузијасти и љубители на театарот најавуваат нови осум изведби во повеќе средни училишта. Перформансот е во организација на ЛГБТИ Центарот за поддршка, а е дел од проектот „Perform2Reform“ кој е партнерски проект помеѓу пет земји чија цел е да ги адресира прашањата со булингот, дискриминацијата и нееднаквоста помеѓу младите преку употребување на алатки како уметност, театар и перформанс. Проектот е финансиран од Еразмус+ програмата на Европската Унија.

Текст: Георги Божиновски

Фото: Зорица Зафировска