Извидничката која се спротистави на нео-нацизмот: Ќе продолжам да се борам против омразата

Кога се вклучила во контра-протестите на маршот на ултра-десничарите, 16-годишната Луси Мусиликова мислела дека најмногу на што можат да се надеваат е да привлечат мало внимание од локалните медиуми.

Сега, нејзината фотографија во извидничка облека како се спротиставува на неонацист се прошири низ целиот свет како симбол на отпорот.

Виралниот момент дошол откако таа присуствувала, со колегите извидници, на Првомајскиот марш во чешкиот град Брно. Контра-демонстрантите имале цел да го нарушат маршот десничарите со мирни протести и шарени транспаренти.

„Организаторите на контра-демонстрациите ги повикаа учесниците да смислат нивен оригинален начин за прослава на Први мај и истовремено да покажат дека национализмот не е алтернатива. Она што најмногу ми се допадна е фактот дека имаше многу луѓе, со различни мислења, но, сите ја делевме идејата за борба против омразата“, опишува Луси за Гардијан.

За неа и нејзините пријатели изгледало соодветно да се појават во нивните извиднички униформи. „Тоа е доследно на извидничката идеологија и историјата на борбата против нео-нацизмот“, објаснува таа.

Моментот кога е направена фотографијата дошол откако еден од луѓето кои учествувале на маршот, кого Луси не го познавала лично, влегол во кавга со неа и нејзините пријатели.

„На почеток почнаа да разговараат со моите пријатели за концептот на нацијата. Човекот изгледаше многу бесен, но, не ни направи ништо. Се расправавме за миграциите и бегалците. Тој заврши со предупредување до мене дека бегалците ќе ме силуваат. Јас му реков дека не ми е страв од бегалците, затоа што белец или Чех можат да го сторат истото. Тоа не е прашање на раса или нација“, раскажува Луси.

„Ми зборуваше дека е уплашен за неговата ќерка. Сметам дека стравот и ксенофобијата може да се причина за неговите мислења. Има многу дезинформации во светот кои носат многу несигурност и страв. Тоа е причината зошто никого не сакам да осудам“, додава таа.

Владимир Цицманец, кој ја направи фотографијата со Мусилкова за Си-Ен-Ен изјави: „Таа цврсто стоеше. Има 16 години, но гордо застана и кажа некои важни аргументи“.

Фотографијата се прошири низ целиот свет, откако беше објавена на фејсбук страницата на Светската организација на извидничкото движење. Од таму, беше објавена и на Реддит, па се префрли на Твитер. Еден твит беше ретвитан повеќе од 6 илјади пати.

Се додека не почнале да ја контактираат медиумите, Луси не сфаќала дека нејзината фотографија се ширела низ светот. Како и со секоја друга популарна фотографија и во овој случај имало и одредени проблеми.

„Доживеав работи со кои никогаш претходно не сум се соочила, кои не се многу пријатни. Тоа е голем притисок од медиумите. Телефонот ми ѕвонеше цело време, мејлот ми се преполни, а некои луѓе бараа да најдат и некои лоши работи кои сум ги направила“, објаснува таа.

Но, истовремено, таа е задоволна што истакнала нешто што и е посебно значајно.

„Овој огромен светски интерес може да го сврти вниманието на важна тема: заканата од нео-нацизмот“, вели таа.

Неочекуваната слава не ја доближило до политиката. Таа студира видео и анимации и се надева на режисера или уметничка кариера.

„Задоволна сум со тоа што сум „само“ активистка. Не е толку формално како политиката, бидејќи кога сум активистка можам да бидам креативна и да најдам сопствен начин како да ги променам работите или да ги покажам моите ставови. Но, сигурно дека ќе продолжам да се борам против омразата“, објаснува Луси.