Известување па блокирање сметка – стапи на сила новиот закон за извршување

Од денеска, со почетокот на годината, почнува да се применува новиот закон за извршување во кој најголема новина е што за граѓаните ќе има задолжително предупредување пред блокирање на нивната сметка поради долг.

Во Законот се предвидува за неплатени комунални сметки извршителот да не смее да блокира без претходно да го извести граѓанинот дека постои некој долг и да побара од него да предложи начин на кој ќе се сервисира долгот. Исто така, се воведува и опција за вонсудската наплата преку која граѓанинот може да го сервисира својот долг без поголеми трошоци.

Со вонсудската наплата, како што појаснуваат од Комората на извршители на Република Македонија (КИРМ), ќе се решаваат оние предмети што не го надминуваат утврдениот паричен лимит и тоа за комуналните сметки за струја, парно и вода до 6.000 денари и за телефон, кабелска и одржување на зграда до 2.000 денари. Тоа ќе значи дека доверителот пред да почне каква било постапка за тужење, со покана прво ќе се обрати до должникот, каде што ќе го повика да го плати долгот во рок од 15 дена. Ако долгот се плати во предвидениот рок, должникот ќе има многу мали трошоци.

Досега за неплатена сметка од 3.000 денари, сумата која требаше да ја плати должникот некогаш можеше да достигне и до 16.000 денари, од кои за камати и судски такси одеа околу 1.100 денари, за адвокатски и нотарски трошоци од 8.000 до 9.000 денари, а извршителот наплаќа 2.500 денари.

Со новиот Закон тоа ќе се исклучи, но само ако долгот се плати во предвидениот рок. Ова значи за неплатена сметка за вода од 3.000 денари должникот преку извршителот ќе го плати долгот зголемен за занемарливи трошоци и камата што нема да бидат поголеми од 5 до 10 отсто од самиот долг. Но, ако по истекот на рокот не ја плати сумата што ја должи, повторно се оди на постапка на тужење, која неколкукратно ќе ги зголеми трошоците, појаснуваат од КИРМ.

Според Комората, најважен момент е електронското поврзување на извршителите со сите институции од каде ќе се добиваат бесплатни податоци со што ќе се намалат трошоците.

Извршителите во Македонија во првите девет месеци од 2016 година примиле 134.740 барања за извршување, реализирале 28,40 отсто или 38.266, а вкупниот износ на наплата од извршување е 75.715.471 евра, што е 2 милиони евра помалку од минатата година.