Извештај за напорите на Македонија во рамки на Отвореното владино партнерство

Механизмот за независно известување (МНИ) при Отвореното владино партнерство (ОВП) го издаде својот извештај за напорите на Република Македонија во рамки на партнерството.

Извештај за напорите на Македонија во рамки на Отвореното владино партнерство

Извештаите за напредокот на МНИ се спроведуваат од страна на независни истражувачи со насоки од страна на Меѓународен експертски панел. Целта на МНИ е да обезбеди кредибилен и независен опис на процесот на ОВП во земјата, резултати од преземените мерки, како и да обезбеди препораки базирани на сугестии добиени од Владата, граѓанското општество и приватниот сектор.

Во Македонија, авторка е Неда Коруновска од Реактор – Истражување во акција која спроведе сеопфатен консултативен процес, бидејќи Македонија е една од земјите кои имаат најголем број на ОВП мерки, вкупно 35.

„На првиот акциски план му недостигаше значајно учество и вклучи само неколку препораки од граѓанското општество. Од друга страна, Владата го отвори консултативниот процес за вториот акциски план, и во понеделник на 24 февруари ќе има отворен консултативен настан, што ветува поголема соработка со граѓанското општество и приватниот сектор“, се наведува во соопштението од Реактор-Истражување во акција.

Првиот акциски план вклучуваше широк спектар на мерки, во рамки на девет цели. Некои од предвидените мерки се амбициозни и имаат потенцијал да ја трансформираат практиката на Владата, како на пример објавување на микро податоци од страна на Државниот завод за статистика и он-лајн платформарата за учество на јавноста во процесите на креирање на законодавството.

Извештајот на МНИ за Македонија, констатираше дека иако мерките се амбициозни, со спроведувањето на дел од мерките се доцни и потребни се понатамошни напори, како на пример да се ревидираат дел од мерките или да се преземат активности за да се обезбеди целосна имплементација. Извештајот на МНИ препорачува наредниот акциски план да се фокусира на зајакнување на основната институционална рамка за ОВП, за да се обезбеди пошироко учество и да се работи на фазно спроведување на мерките.

МНИ Извештајот за напредокот е во нацрт и даден е на јавна консултација. Сите заинтересирани страни се поттикнати да испратат коментари до IRM@opengovpartnership.org до 10 март 2014. Добиените коментари ќе бидат групирани и јавно објавени, освен таму каде испраќачот побарал анонимност. Коментарите кои идентификуваат значајни фактички грешки ќе бидат интегрирани во финалната верзија на извештајот.

Извршното резиме од МНИ Извештајот може да го прочитате ОВДЕ.