Реформите стагнираат, клучните закони стојат заглавени, а состојбата со воздухот, водите, природата и отпадот останува критична, покажува четвртиот Извештај во сенка за поглавјето 27 на коалицијата на граѓански организации „Платформа 27“ кој се однесува на 2024 и 2025 година, пренесува агенцијата Мета.мк.
Според извештајот, што денеска беше промовиран, од последниот циклус во 2023 година до крајот на 2025 година не е постигнат суштински напредок во ниту едно од разгледуваните подрачја, со исклучок на донесувањето на Законот за контрола на индустриски емисии во 2025 година. Овој закон претставува значаен чекор кон примена на европскиот принцип „загадувачот плаќа“, но не е доволен за системско адресирање на загадувањето.
Истовремено, клучните закони за води, за природа, за климатска акција, кои треба да го усогласат домашното со европското законодавство, како и законите за прогласување нови заштитени подрачја – остануваат во процедура повеќе години без завршница. Некои од нив се објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), но и понатаму чекаат усвојување, многу често и без да се знае причината за нивното одложување.
„Фактот дека стратегиски документи и закони подготвени пред неколку години се уште стојат неусвоени укажува на сериозен институционален застој. Без функционално законодавство не може да има реална заштита на животната средина“, стои во извештајот.
Воздухот и отпадот, остануваат најголеми предизвици
Еден од најалармантните проблеми, загадувањето на воздухот и понатаму останува далеку над над европските граници. И покрај милионските инвестиции во подобрување на квалитетот на воздухот, податоците покажуваат дека концентрациите на PM10 и PM2.5 и понатаму се над граничните вредности во голем дел од годината. Новата ЕУ директива поставува уште построги стандарди – годишната граница за PM10 се намалува на 20 микрограми на кубен метар, што земјата ни близу не ги исполнува. Нов закон за квалитет на амбиентен воздух е во подготовка, но неговото донесување се очекува дури во 2026 година.
Нестандардните депонии и недоволните инфраструктурни решенија за третман на отпадот се меѓу најгорливите прашања со кои се соочува државата, а примерот на Скопје и затрупувањето со ѓубре за само неколку дена заради нефункционалните јавни претпријатија само нагласува колку се неопходни итни мерки. Регионалните системи за управување со отпад напредуваат исклучиво на административно ниво, а во пракса oтпадот и понатаму се одложува на нестандардни депонии, селекцијата и рециклирањето се минимални, а превенцијата на отпад не е во функција. Иако проектите за регионални центри се движат, нема реален напредок кој би довел набрзо до затворање на постојните диви и несоодветни депонии.

Фото: Мета.мк
Последните години нема голем напредок во заштитата и прочистувањето на водите и заштитата на природата
Не е многу поразлична состојбата ниту со заштитата и третманот на водите. Речиси 70 отсто од отпадните води се испуштаат непрочистени, од кои 15 отсто се од урбани средини. Извештајот нотира дека иако дел од општините вложуваат во канализациска инфраструктура, во анализираниот период нема изградено ниту една нова пречистителна станица, што значи дека отпадните води и понатаму завршуваат во водотеците без третман. Изградена е нова пречистителна станица за отпадни води за Нов Дојран, која ќе ги пречистува водите кои ќе се испуштаат во Дојранското Езеро.
И покрај активностите на граѓанското општество и иницијативите од локалните самоуправи, државата не прогласи ниту едно ново заштитено подрачје во 2024 и 2025 година. Процесите за Белчишкото Блато, Студенчишкото Блато, Кожуф, па дури и репрогласувањето на Национален парк Маврово остануваат незавршени. Во меѓувреме, постојните заштитени подрачја се соочуваат со недоволна управувачка структура, недоволни буџети и нерешени конфликтни интереси.
Кај инспекцискиот надзор недостасува кадар заради што контролата има ограничен ефект. Иако ДИЖС повторно стана орган во состав на МЖСПП, институцијата се соочува со недостиг од инспектори, голем обем на работа, нерегуларности кои не секогаш резултираат со санкции, заради што бројни еколошки криминали кои остануваат неказнети.
Земјава останува и без законот за климатска акција, кој е клучен за спроведување на климатските обврски кон ЕУ. Законскиот текст е подготвен уште во 2023 година, но процесот е заглавен.
„Периодот 2024–2025 е период на напредок во место. Државата не прави значајни чекори кон исполнување на европските стандарди во животната средина, а последиците ги чувствуваат граѓаните, природата и здравствениот систем“, вели Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени.
Граѓанските организации кои работеа на овој извештај, Центарот за климатски промени, Еко свест, Македонското еколошко друштво и Милиеуконтакт Македонија апелираат Владата, Собранието и надлежните институции итно да ги усвојат заглавените закони од Поглавје 27, да обезбедат функционални институционални и административни капацитети, да ја зајакнат транспарентноста и учеството на јавноста во креирање на политики, да инвестираат во клучни инфраструктури како што се пречистителни станици за отпадни води, регионални центри за управување со отпад и мониторинг системи и да обезбедат стабилно финансирање за секторот животна средина.
Последниот извештај се фокусира на седум клучни области: хоризонтално законодавство, квалитет на воздух, води, управување со отпад, индустриско загадување и управување со ризик, заштита на природа и климатски промени. Анализата опфаќа усогласување на законодавството, степен на имплементација, административни капацитети и буџетска поддршка, како и предизвиците кои го стагнираат процесот.
Извештајот е подготвен во рамките на проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан на локално ниво“, спроведуван од Центарот за климатски промени во соработка со партнерските организации. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.



