Една донација, од април до јуни, доделила Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и тоа за пливачки клуб „Бета“ од Скопје. Во записникот од состанокот не е посочено за колкава сума станува збор, ниту пак за што конкретно се донирани средствата, открива третиот квартален мониторинг врз работата на АЕК и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
И во претходните два извештаи, се како забелешка беа посочувани донациите на АЕК за работи кои не се поврзани со развојот на електронските комуникации.
„Изостанувањето на вакви информации за донациите знаеше да предизвика реакции во јавноста. Медиумите во неколку наврати го повикуваа АЕК преку ЈСП Скопје да престане да ја “спонзорира“ изградбата на Панорамското тркало“, стои во извештајот од мониторингот кој го спроведуваат Евротинк, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.
Според новиот годишен финансиски план на АЕК за 2017 година најголемо зголемување, од скоро 1,5 милиони евра, има за изградбата на антенскиот столб на Водно, додека најголемо кратење има во ставката „помошти, донации и други давачки“, која е намалена од 1,23 милиони евра на само 75.000 евра.
Како дополнителни забелешки за АЕК, во извештајот се наведени и тоа што Агенцијата има три интернет страници, што може да ја доведе јавноста во забуна, додека на страниците се уште недостасуваат целосни информации за раководството и за членовите на Комисијата на АЕК. Во извештајот се препорачува дека поднесувањето приговори треба да биде овозможено на главната интернет-страница, која е најпосетувана од граѓаните.
Во врска со работата на АВМУ, извештајот посочува дека Агенцијата одржува солидно ниво на транспарентност и отчетност, додека истовремено ја истакнуваат потребата од нејзина целосна политичко-партиска независност.
Како и во претходните два извештаи, повторно е констатирано дека врз ефективноста на АВМУ негативно влијаат разликите во препознавањето, спречувањето и санкционирањето на говорот на омраза меѓу Агеницјата, Јавното обвинителство и Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД). Наведен е пример на случајот кој АВМУ го иницирала против телевизија Сител, за дискриминација по основа на етничка припадност, кога од КЗД утврдиле дека таква дискриминација не постои.
Овој трет квартален извештај се однесува на работата на АВМУ и на АЕК во периодот април – јуни 2017 година и е подготвен врз основа на „Мониторинг-матрицата за работата на АВМУ и АЕК“. Мониторингот ја следи работата на овие две регулаторни тела од аспект на транспарентноста и отчетноста, ефикасноста и независноста, перформансите и заштитата на јавниот интерес.