Во периодот од мај 2017 до април 2018 година на 281 лице не им бил дозволен пристап, односно биле вратени од Србија кон Македонија додека нелегално се обидувале да ја преминат границата, или биле нелегално депортирани од Србија кон Македонија, без да се запази легалната процедура на депортација, покажува годишниот извештај за нерегуларна миграција на северната граница на Македонија на невладината организација Легис.
„Од вкупнот број лица во нерегуларен транзит, 151 лице, од кои 120 мажи, 12 жени, 19 деца биле нелегално вратени, додека 130 лица, од кои 103 мажи, 6 жени и 21 дете биле депортирани од Србија во Македонија без да се следат правните процедури за вршење депортација. Местата кај што се извршени нелегалните враќања и депортациите се наоѓаат долж македоснко-српската граница, најчесто близу селата Лојане, Табановце и Сопот“, се наведува во извештајот.
Во извештајот се посочува и на нов момент кај нерегуларната миграција – дека некои од луѓето кои биле депортирани од Србија кон Македонија, не ја користеле Македонија како транзит земја, туку влегле во Србија преку рутата низ Бугарија или преку други рути на транзит.
„Трендот со нерегуларна миграција кон земји во Западна Европа како крајна дестинација во 2017-2018 продолжува, додека Република Македонија останува транзитна земја; сепак, граничните власти од Грција, Македонија и Србија развија нелегални практики на враќање и депортација, зголемувајќи ги потенцијалните ризици од кршење на човековите права, покрај организираните криминални групи кои работат на северната граница помеѓу Македонија и Србија, односно во т.н. липковски регион“, наведуваат авторите на извештајот.
Податоците од извештајот покажуваат дека највисокиот процент на лицата во нерегуларна миграција изминативе 12 месеци се од Пакистан (385 лица), потоа следи Авганистан со (249 лица), Иран (66 лица) и Алжир (61 лица).
Легис заклучува дека мешаното мигрантско и бегалско население ги преминува границите без разлика на забраната за транзит во земјата на транзит и повеќето од нив се лишени од пристап кон територија, човекови права и заштита, а зголемени се и известувањата за насилство и потенцијални случаи на тортура забележани во две села во областа на Липково.
Целиот извештај на Легис може да го погледнете на македонски, албански и англиски јазик на следниов ЛИНК.