Изведба на операта „Хофманови приказни“ во МОБ

Во сабота (16 февруари) во 20.00ч. во Македонската опера и балет ќе се изведе романтичарската опера „Хофманови приказни“ на Жак Офенбах, во која поетот Хофман ги раскажува своите вонвременски приказни за љубовта. Диригент е Андреа Черта (Италија), а режисер Урсула Хорнер (Австрија).

Либретото на француски јазик е напишано од страна на Жил Барбиер и базирано е врз три кратки приказни, напишани од страна Е.Т.А. Хофман. Како главен протагонист во операта е искористен Хофман, лично.
Приказните на Хофман се карактеризираат со нијанси на емоции проследени со алегориски фигури: љубов, добро и зло. Разочаран и исцрпен, Хофман се буди како од кошмар да сознае дека вистинската убавина и вистинската љубов се наоѓаат во нас…

„Хофманови приказни“, која самата по себе плени со прекрасна музика, ги следи доживувањата на боемот Хофман, но плени и со впечатлив наративен спој на настани од реалноста завиени во научно-фантастичен контекст.

Сценограф е Марија Ветероска, костимограф Марија Пупучевска, а кореографи се Урсула Хорнер и Олга Панго. Во операта настапува бројна солистичка екипа заедно со хорот и оркестарот при МОБ.