Изведба на класичниот јапонски „НО“ театар во Македонија

Театарската уметничка јапонска форма „Но“ во сабота ( 27 септември) за првпат ќе биде изведена пред македонската публика во Театар Комедија.

Класичниот јапонски „Но“ театар во Македонија

„НО“ е театарска уметничка форма која датира од 14 век и претставува комбинација на драма, музика и танц, а се пренесувала низ генерациите до денешен ден во речиси неизменета форма. Во 2001 година овој театар е прогласен за „Ремек-дело на усното и нематеријалното наследство на човештвото“ од страна на УНЕСКО.

Кјутаро Хашиока како претставник на деветтата генерација актери на „НО“, од семејството Хашиока, ќе даде преглед на оваа јапонска театарска форма со изведби на сцени од славните „НО“ дела „Хагоромо“ и „Такасаго“.

Почетокот на настанот во Театар Комедија е најавен во 20 часот, а влезот е слободен.