Изведба на „Ј А С Н Е М А“ во Кино Култура – перформанс кој зборува за врсничкото насилство кај младите

Во петок (4 октомври) во Кино Култура ќе се изведува перформансот  „Ј А С Н Е М А“.

Во режија на Дени Стојанов и изведба на дел од театарската екипа Кунстверкштат на Младински образовен форум (МОФ), перформансот ќе ги опфати корените на проблемот во врсничкото насилство меѓу младите, но од поинаков аспект. Ќе се прикаже како се чувствува жртвата и ќе се согледа вистинската сериозност и влијание на оваа појава.

Првата изведба ќе започне во 19:30 часот, а втората изведба во 20:30 часот. Траењето на перформансот е околу половина час. Бројот на седишта е ограничен на 40, поради што потребно да се пријави присуство на info@lgbti.mk. Влезот е слободен.

„Се повеќе деца и младинци се жртви на булинг, а дополнителен проблем е и појавата на сајбер- булингот. Почнува со почетните одделенија, продолжува во средните училишта, факултетите, а за припадниците од маргинилизираните заедници и поединци трае цел живот“, стои во најавата за настанот.

Перформансот е дел од проектот „Perform2Reform“ кој е партнерски проект помеѓу пет земји чија цел е да ги адресира прашањата со булингот, дискриминацијата и нееднаквоста помеѓу младите преку употребување на алатки како уметност, театар и перформанс. Проектот е финансиран од Еразмус+ програмата на Европската Унија.

Постерот е дело на Јован Јосифовски, а графичкото прилагодување на Слободан Спасовски.