Израелски ресторан нуди попуст – половина цена за Евреите и Арапите што ќе јадат заедно

Ресторанот „Хумус бар“ во градот Кфар Виткин во централен Израел од пред десет дена нуди попуст од 50 проценти за гостите Евреи и Арапи кои јадат на иста маса, пишува Ал Џазира.

Сопственикот на локалот Коби Цафрир се надева дека јадењето хумус, кое е традиционално и кај двете етнички групи, е добра почетна точка за зближување на луѓето.

„Исплашени од Арапи? Исплашени од Евреи? Кај нас нема Арапи!… но нема ни Евреи. Има само човечки суштества! И вистински, прекрасен арапски хумус!“. И одличен  еврејски фалафел! „Репете“ од сите јадења со хумус ако сте Арап, Евреин, христијанин, Индус итн… Специјален попуст: 50% на јадења со хумус на масите на кои Евреи и Арапи седат заедно. *Од недела до четврток“, стои во објавата на ресторанот на Фејсбук.

מפחדים מערבים? מפחדים מיהודים? אצלנו אין ערבים! אבל אין גם יהודים… אצלנו יש בני אדם! וחומוס ערבי אמיתי ומעולה!…

Posted by ‎חומוס בר – Humus Bar‎ on Monday, October 12, 2015

Гостите реагирале добро на овој потег, вели сопственикот на ресторанот, Коби Цафрир. Дел од нив го искористиле попустот, а дел сепак ја платиле полната цена, во знак на поддршка на планот на Цафрир.

„Ако има нешто што може да ги зближи овие народи, тоа е хумусот“, вели сопственикот.

Идејата доаѓа во време кога повторно се разгоруваат непријателствата на Средниот Исток. Во изминатиот месец, најмалку 50 луѓе загинаа во судирите во Ерусалим и на окупираниот Западен Брег.