Изнајмените студентски станови седат празни, ама сметките се трупаат

Студентските станови се празни, а сметките продолжуват да доаѓаат. За струја, парно, вода, месечна кирија. Факултетите се затворени повеќе од два месеци поради новиот коронавирус, а голем број студенти, кои не потекнуваат од студентските градови беа принудени да се вратат во своите домови. Зад себе ги оставија работите што не им се неопходни и полуиспразнетите соби. Голем дел од нив сега се револтирани, што мора да плаќаат, иако не се во станот.

Александра е студентка на Правниот факултет во Скопје, која штом избувна пандемијата веднаш се врати во родното Кавадарци.

„Веќе два месеци не престојувам во изнајмениот стан во Скопје, но и покрај тоа редовно плаќам кирија и минимални сметки, бидејќи како што кажаа газдите договорот ни е да плаќаме до мај, а преку летото само половина од киријата доколку сакаме да престојуваме во станот и наредната година. Ова е голем трошок за нас во услови кога и родителите ни се дома и земаат или минимална плата или се на 70 отсто, но некако како и да немаме друго решение. Слушнав дека многу од студентите ги замолиле газдите и не плаќаа овие два месеца, но ретки се таквите случаи“, вели таа.

Заедно со цимерките размислувале за напуштање на станот, но не го сториле тоа поради неизвесноста за јулската испитна сесија. Со оглед на тоа што во моментов сметките се пониски, а киријата ја делат неколку цимерки, месечно треба да платат нешто под 5.000 денари по студент.

„Ова се џабе фрлени пари кога не го користам станот. Ама не можеш да се разбереш со секој газда. Ако ни стават испитна во јули, како што се планира, ќе мора да сум во Скопје“, вели таа.

Со сличен проблем се соочува и нејзиниот колега, со иницијали П.М. И тој престојува под кирија, поради студиите во Скопје, па плаќа стан кој два месеци не го користи. Кога станот го делат двајца студенти, тогаш месечните издатоци се искачуваат на повеќе од 100 евра, по студент.

„Договорот за закуп важи до крајот на оваа година, но поради настанатата ситуација со коронавирусот и прекинот на наставата, во последните два месеца не престојувам во истиот. И покрај тоа што овој период не живееме во станот ниту јас, ниту мојата цимерка, за изминатите два месеца ние подмиривме целосна кирија и сметки со сума препишана од некои од претходните месеци. Во поглед на ситуацијата која за сите нас предизвикува потешкотии, особено од финансиски аспект, ние како и голем број студенти во Скопје, не наидовме на разбирање од страна на закуподавците со цел да ни ги намалат трошоците за овој кризен период. Се надевам дека сите што издаваат недвижности под закуп, особено на студенти, во овој период, кога тоа ни е најпотребно, да ни излезат во пресрет, да се намалат кириите или воопшто да не се побаруваат истите додека трае оваа ситуација“, вели студентот.

Сара Марковска, заедно со својата цимерка, двете од Битола, изнајмуваат стан во скопско Дебар маало. Таа вели дека имаат среќа бидејќи газдите им излегле во пресрет, па им ја намалиле киријата на половина, од 200 на 100 евра.

„Ова ни значи, затоа што периодов не сме во станот, немаме потреба, а сме го задржале. Доколку не се договоревме за пола кирија, претпоставувам и дека ќе напуштевме затоа што не е сеедно во ваква ситуација да плаќаш цела рата, кога и примањата на домашните не се исти како пред пандемијата,“ вели таа.

Студентката на Филолошкиот факултет, Марија Муфтарова сè уште ги нема подмирено последните сметки. Наишла на коректни сопственици кои ја разбрале ситуацијата во која се наоѓаат студентите.

„Ние со нашиот газда се договоривме да плаќаме само половина износ од ќиријата, бидејќи планираме да го задржуваме станот за да престојуваме и следната година. Тој не ни прави проблем и не нè притиска во врска со плаќање. Секогаш мирно се договараме и немаме проблеми“, раскажува таа.

Многу ретки се искуствата кога студенти велат дека нема да треба да платат за собата ако не ја користат.

„Престојував во стан кај постара жена од Охрид, која тотално разбра и не побара пари за овие два-три месеци. Не плаќаме ниту сметки, а бабичката рече дека од наредната година без проблем ќе може пак да се вселиме“, вели М. Томов, студент на Економскиот факултет.

Од Агенцијата за недвижност „Ава Дом“ велат дека кога се работи за намалување на киријата при подолго отсуство од станот, тоа е оставено пред се на договор меѓу студентите и газдите на становите.

„Се потпишуваат договори на одреден рок за изнајмување, но ова е новина за сите нас. И ние за првпат се соочуваме со ваква ситуација кога има пандемија и студентите подолг период не ги користат становите. Веројатно во иднина треба да се размислува и за менување на договорите со издавачите, каде ќе бидат предвидени и вакви ситуации“, велат од „Ава Дом“.

За разлика од студентите кои изнајмуваат станови, оние кои се сместени во студентските домови, се ослободени од плаќањето партиципација за периодот прогласен за вонредна состојба. Студентските домови се затворени од првата половина на месец март, а сè уште нема најави кога и дали ќе бидат отворени за оваа генерација студенти.

Ј.Ј.