Измислен минијатурен имплант со кој луѓето ќе можат да комуницираат со машините

Изумот наречен „нервна прашина“, креиран од истражувачи на Универзитетот Беркли, ќе овозможи луѓето да комуницираат со компјутерите користејќи го само својот ум.

Имплантот со големина на зрно песок ќе може да се користи за да ги надгледува органите во човечкото тело во реално време, а доколку може да се направи во уште помала големина, ќе може да се вгради во мозокот за да контролира роботски уреди, како бионички раце и нозе.

Освен тоа, може да помогне во лекувањето на болести како епилепсија, преку стимулирање на нервите и мускулите, да им помогне на луѓето кои имаат проблеми со уринирањето преку контролирање на мочниот меур, па дури и да го намалува апетитот.

Еден од изумителите на „нервната прашина“, професорот Мајкл Махарбиз, од Универзитетот на Калифорнија, вели: „Мислам дека долгорочните можности за нервната прашина не се само во нервите и мозокот, туку многу пошироко. Да се има пристап во телеметријата на телото никогаш не било возможно, бидејќи немало начин нешто многу мало да се смести длабоко во човечкото тело“.

Истражувачите моментално создаваат имплант кој може да опстои во телото до 10 години. Бидејќи имплантот е безжичен, нема потреба од правење дупки во черепот за тие да останат во телото.