Измените во Законот за азил влегоа во собраниска процедура

Пратениците го усвоија дневниот ред во Собранието на кој се најде предлогот за изменување на Законот за азил и привремена заштита како единствена точка. Измените ќе се носат по скратена постапка, а Собранието за нив ќе дискутира попладнево, откако претходно ќе расправаат собраниските комисии.

Со предлогот на мигрантите им се дава рок од 72 часа во кој тие ќе треба да ја напуштат земјава или ќе може да поднесат барање за азил во најблиската полициска станица, на граничниот премин или во прифатниот центар. Во овој временски рок нивниот престој ќе биде легален и ќе имаат право да користат јавен превоз.

Како што образложија од МВР, со измените ќе се разграничи намерата од самото поднесување на барање за азил. Според нивните сознанија, околу 2 000 до 2 500 мигранти дневно влегуваат во земјава, а само во мај нивниот број бил зголемен за 300 отсто.