Измените на Кривичниот законик го парализираат гонењето на корупцијата, предупредува Платформата

Платформата на граѓански организации за борба против корупција, преку соопштение остро реагира на предложените измени на Кривичниот законик, оценувајќи дека тие дополнително ја ослабуваат казнено-правната заштита од корупција и злоупотреба на службената положба.

Оттаму информираат дека доставиле допис до Собранието и до матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, во кој јасно бара враќање на идентичните одредби од Кривичниот законик кои беа на сила пред измените од 2023 година. Според нив, тоа е единственото разумно, правно сигурно и одговорно преодно решение, сѐ до донесувањето на целосно нов Кривичен законик.

„На јавната расправа беше укажано дека предложените измени, особено кај член 353, ја сведуваат кривичната одговорност на исклучително тесен и практично неприменлив опсег. Со тоа, во суштина се декриминализираат најчестите и најштетни форми на корупција во јавните набавки – фаворизирање, селективно постапување, прилагодување на тендерските услови, склучување договори без реална потреба и толерирање на незаконитости. Ваквиот пристап создава правна несигурност и реален ризик од прекин на тековни истражни и судски постапки, бидејќи обвинителството и судовите ќе останат без правна основа за постапување во најголем дел од случаите“, наведено е во реакцијата на Платформата.

Оттаму укажуваат дека со измените на членот 353В се ограничува кривичната одговорност исклучиво на имотна корист и ја бришат т.н. „заштитна мрежа“ за други очигледно несовесни начини на вршење на службата, што, според нив, создава ризик од фактичка амнестија за службени лица во органите на државната управа и сериозно го стеснува опсегот на гонење за неконвенционални, но чести форми на корупција.

„Укажуваме повторно дека донесувањето на вакви значајни измени во Кривичниот законик мора да се спроведат во суштински и инклузивни консултации со засегнати страни вклучително со судиите и јавните обвинители, како практичари кои се најдиректно засегнати од измените и чие искуство е клучно за оценка на нивното реално влијание и примена во судската пракса. Поради сето наведено, апелираме до пратениците во Собранието да ги земат предвид аргументите изнесени на јавната расправа и без одлагање да ги вратат одредбите од Кривичниот законик какви што беа пред измените од септември 2023 година, како неопходен чекор за заштита на јавниот интерес, владеењето на правото и кредибилитетот на државата пред граѓаните и меѓународната заедница до донесување на целосно нов Кривичен законик“, се додава во реакцијата.