Измени на законите за основно и средно образование во собраниска процедура за прилагодување на пандемијата

Во собраниска процедура, по скратена постапка, се ставени измените на законите за основното и за средното образование преку кои треба да се извршат прилагодувања на образовниот процес поради пандемијата со Ковид-19.

Во образложувањето на двете измени на законите се наведува дека се додаваат нови одредби со кои се регулира начинот на организирањето на воспитно-образовната работа на училиштата во услови на епидемија прогласена од заразни болести. Предлагачите додаваат дека при подготовката на овие законски измени земени се во предвид студиите на меѓународни органиации според кои многу помалку се пријавуваат случаи на заболени деца отколку возрасни лица.

„За повторно отворање на училиштата, се става акцент на шест димензии кои треба да се земат предвид при планирањето: политики, финансирање, безбедно работење и работна средина, безбедно учење, целосен опфат на сите учениции добросостојба/заштита. Од друга страна, при одлучувањето за отворање на училиштата во новата 2020/2021 учебна година се зедоа во предвид штетите кои може да произлезат од затворањето на училиштата (на пр: ризик од прерано напуштање на училиштето, намалување на можноста да се обезбеди квалитетно образование за сите, посебно за учениците од семејства во ризик, зголемено семејно насилство заради економска несигурност, итн.)“, стои во образложението.

Во двата закони би се додавала можност учебната година да започне и заврши во време различно од претходно законски утврденото, како и можност за скратени часови и настава преку далечинско учење. Дополнително се во измените се регулира и дека во услови на вонредни околности, за бројот на учениците во паралелка одлучува Владата.

Во измените на Законот за средно образование се предвидува воспоставување на Информационен систем „Опсерваторија на вештини“, веб-портал во кој ќе се води збирка на податоци за учениците.

„Со овие законски одредби треба да се обезбеди безбедна училишна средина за сите инволвирани во воспитно-образовниот процес во училиштата (ученици, наставници и друг ненаставен кадар, родители) преку подготвен кадар за следното: како да се одржува хигиена и дезинфекција, да се организира движењето на учениците, да се распореди  мебелот во училницата за да ја има потребната дистанца помеѓу учениците од најмалку 1,5 метар, организиран надзор од страна на наставниците, стручните соработници и административно-технички кадар, согласно препораките дадени од Министерството за здравство-Комисијата за заразни болести, трансформирана педагогија преку подготовен инклузивен и флексибилен распоред на часови преку кој се реализира наставниот план кој води до наставни практики кои ќе обезбедат постигања соодветно на индивидуалните можности на учениците. Исто така,  треба да се изгради училишна клима, структури и организација каде инклузијата, грижата, почитта и холистичката поддршка имаат централно место во мисијата на училиштата, како и да се пренесат моменталните сознанија за тоа како се пренесува и колку е сериозен КОВИД-19 кај децата и како да сеодржуваат мерките за превенција и контрола на КОВИД-19“, стои во предложените законски измени.