Изложбата ,,Системи на кршливост” на Ана Трајковска и Доротеј Нешовски се отвора во среда

Заедничкиот проект, изложба на младите уметници Ана Трајковска и Доротеј Нешовски насловен „Социјален алгоритам – фузија на социјалните системи и семантичката кршливост“ ќе се отвори на 24 септември во Националната галерија, објект Мала станица.

„Уште од самиот наслов упатува на повеќеслојност во сугерираните размисли и толкувања на идеите кои се однесуваат на сложените релации на социјалното и индивидуалното егзистирање во современиот свет. Перцепцијата на авторите е претставена преку повеќе дела во кои најчесто комбинираат нови медиуми, графички техники и интерактивни инсталации, при што естетското доживување е појдовна платформа (во предвид земајќи го широкото и се понагласено значење и употреба на овој збор во секојдневието) за мултидисциплинарно истражување на темата, кое вклучува не само уметност, туку и технологија, психологија, социологија…“, вели Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос при Националната галерија во Скопје.

Според Чанкуловска-Михајловска, младите уметници систематично, но и длабоко критички, проникнуваат во суштината и значењето на комуникологијата, односно системите врз кои е базирано функционирањето на дигиталното потрошувачко општество, како и одредувањето и формирањето предвидливи насоки во рамки на кои е (ќе биде) дефинирана и индивидуалната слобода на размислување и одлучување.

„Ана Трајковска и Доротеј Нешовски укажуваат на губењето на способноста на алгоритмите за пренесување на оригиналните значења, со што доведуваат до распад на комуникацијата и конечна покорна затапеност на човештвото. Појдовно начело на овој уметнички ангажиран проект е предизвикување размисли и интеракција со гледачот, со конечна цел да се поттикне критика и да се провоцира дијалог токму за системите на универзална контрола на однесувањето со помош на кои се поништува индивидуалната слобода, идентитетот, културните специфики и оригиналноста“, истакнува Маја Чанкуловска-Михајловска.

Изложбата ќе биде отворена за посета до 28 септември.

Проектот е подржан од Министерсво за култура и туризам на Македонија.