„ФЛУКС“ – Изложба на Ана Трајковска и Ивана Самандова во четврток

Со почеток во 20 часот на 10 ноември (четврток) во отвореното графичко студио при Музејот на Град Скопје ќе се отвори изложбата „ФЛУКС“ на Ана Трајковска и Ивана Самандова.

„ФЛУКС“ претставува интерактивна графичка инсталација со која што ги продлабочуваат своите ликовно-естетски истражувања и ги преиспитуваат своите гледишта низ призма на психоаналитичкиот дискурс, креирајќи наратив во кој истовремено се преплетуваат сонот и јавето, убавото и грдото и морничавото и гротесктното.

„Авторките го проблематизираат Фројдовското гледиште за несвесното поттикнати од своите лични искуства. Концептот за несвесниот ум којшто Сигмунд Фројд го визуелизирал како санта мраз во којшто пливаат ид (инстинкт и нагони), его (свесен ум) и суперего (совест) – социјални слоеви на нашата личност коишто се условени еден од друг и се во постојана конфронтација – Самандова и Трајковска го конципираат преку ‘site specific’ поставка во изложбениот простор на Отвореното графичко студио каде што секој поединечен ѕид симболизира одреден социјален слој, во зависност од местоположбата. Ѕидовите се покриени со транспарентни фолии на коишто се изгравирани автоматски цртежи (графички прикази во арт брут манир) кои што сугерираат психолошка состојба специфична за прикажаниот социјалниот слој. Публиката е поканета активно да партиципира во проектот, исцртувајќи или испишувајќи врз изложените објекти свои импресии, забелешки и сл. Со овој проект, уметничките решиле да ги рационализираат симболички своите емотивни состојби, соочувајќи се при тоа со своите психолошки проблеми, свесни за терапевтската моќ на уметничката пракса“, се посочува во најавата за настанот.

Изложбата ќе биде отворена до 24 ноември.