Изложбата „Родови перцепции“ наскоро во МСУ Скопје

Посетителите на Музејот на современата уметност – Скопје од 12 јуни до 12 август ќе имаат можност да го видат светот низ перцепциите на жените уметници, вклучувајќи сличности и разлики во изборот на делата на некои од најпознатите британски и македонски уметнички кои зборуваат за женските прашања денес.

Изложбата „Родови перцепции / Perceptions: Engendered“ во Скопје е резултат на соработката помеѓу Британскиот совет и Музејот на современата уметност – Скопје, како дел од регионалниот уметнички проект „Перцепции“. Тој е веќе вреднуван од страна на музејскaта експертска јавност и следниов септември ќе биде претставен во Кјото, Јапонија, на една од најпрестижните музејски конференции во светот, пред Меѓународниот совет на музеите (ICOM).

Проектот претставува соработка помеѓу пет куратори од Западниот Балкан кои организираа пет изложби во чии рамки презентира 24 дела од 14 британски уметници од колекцијата на Британскиот совет. Овие дела кураторите ги избраа во меѓусебна соработка започнувајќи дијалог со локалните уметнички контексти. На тој начин „Перцепции“ прерасна во женски уметнички простор во кои се испреплетуваат различни културни, политички и теоретски контексти во рамки на геополитиката на Западниот Балкан – почнувајќи од Цетиње, преку Нови Сад, Приштина и Бања Лука, за конечно проектот да се претстави и во Скопје.

Поставката во Скопје ќе го затвори изложбениот циклус со презентација на 39 современи уметнички дела од 25 уметнички, концептуализирани во три дела: Погледи, Репрезентации и Репрезентации. Застапените уметнички креираат „женска форма“ која го прекинува повторувањето и одржувањето на постоечката родова хиерархија преку нови методи на размислување и визуелизации за (родовата) репрезентација.

Куратори на изложбата се Кумјана Новакова и Благоја Варошанец, соработник на проектот е Тихомир Топузовски, концептот на едукативната програма е на Бојана Јанева Шемова, визуелниот идентитет и графички дизајн е на Елена Диновска Зарапчиев и Илиана Петрушевска, а дизајнот на изложбата е на Јован Ивановски.

Уметничките чии дела ќе се претстават во Скопје се Абигејл Лејн, Моника Мотеска, Камила Лоу, Евгенија Демниевска, Анета Светиева, Мадам Јевонд, Мирна Арсовска, Силија Хемптон, Лаура Олдриџ, Хелен Чедвик, Елизабет Прајс, Сара Лукас, Жанета Вангели, Ирена Паскали, Антеа Хамилтон, Трејси Емин, Клер Стренд, Џилијан Веринг, Верица Ковачевска, Љупка Делева, Рејчел Вајтрид, Христина Иваноска, Ана Темкова, Виолета Чаповска, и Лубаина Химид.