Изложбата насловена „Биографија на едно архитектонско дело“ во Музеј на Град Скопје

Истражувањето, изложбата и изданието „Биографија на едно архитектонско дело: Телекому­ни­кa­циски центар – Скопје“ се поттикнати од желбата за проучување на архитектонското творештво од периодот на Модерната, како еден од најзначајните слоеви во историјата на развојот на македонската и светската архитектура.

Темата на истражувањето е насочена кон утврдување на денешното место, улога и значење на истакнатите примери од модернистичкото архитектонско наследство, преку повторен ос­врт врз нивната историја. Денешниот поглед кон минатото означува денешна перспектива на гледање на нештата и се однесува на прашањата кои се актуелни за сегашните генерации и за сегашното време. Преку поставување на тие прашања на историските извори сакаме да го утврдиме нашиот поглед и нашето толкување на историјата.

Истражувањето тргнува од убедувањето дека во позадината на фактите од историјата (на една градба), честопати се прикриени нивните заемни врски, но и низа комплексни околности и дадености од различна природа (општествени, политички, социјални, културни, емотивни, лични…), кои се наоѓаат во тесна причинско-последична врска со самите факти и без кои тие не би го имале значењето што го имаат, или како такви не би ни постоеле.

„Предмет на истражување е архитектурата на Телекомуникацискиот центар во Скопје, дело на архитект Јанко Константинов. Како едно од најзначајните остварувања на македонската Мо­дер­на, архитектурата на Телекомуникацискиот центар во Скопје претставува една од нај­спе­цифичните локални интерпретации на бруталистичкиот наратив, кој во доцните шеесетти години на минатиот век ќе изврши глобално влијание врз развојот на светската архитектура. Во вид на историски (архитектонско-уметнички) монумент со впечатливи димензии, компо­зиција, материјалност, текстура, и појавност, Телекомуникацискиот центар доминира во не­пос­редниот простор, истовремено и припаѓајќи и неприпаѓајќи на нашето секојдневие. Ваквата негова специфичност и значење беа основниот поттик да се прочепка во неговите историски белешки со цел тој по првпат да биде темелно истражен“, се вели во описот за настанот.

Изложбата ќе се отвори на 11 ноември, со почеток во 20 часот во Музеј на Град Скопје, а ќе може да се посети до 18 ноември.