Изложбата „Над бескрајот на стените“ во МКЦ

„Над бескрајот на стените“ е насловена новата изложба на уметникот Зоран Лазаревски која ќе биде отворена во понеделник (5 февруари) во Галеријата на Младинскиот културен центар Скопје (МКЦ) во 20 часот.

„Природата е ненадминат уметник; речиси нема некој, кој и да е, кога и каде да било, макар мигновено да не ја почувствувал нејзината семоќна рака, полноводната кристална река што струи низ неа. Многумина ќе поитаат да понудат одговор и објаснување, но мудриот Сенека би рекол – ‘Премногу сме смртни за да го спознаеме бесмртното’. Оти – креативната моќ на природата е таква: бесмртна – бесконечна, непредвидлива, недостижна… неповторлива. Во неа (по)долго време тоне и Зоран Лазаревски; ќе бидете сосем во право ако забележите дека е целосно обземен, дека жедно ја пие нејзината утринска роса, дека до изнемоштеност талка по нејзините испреплетени патеки. Ја чувствува, му тежи, го избезумува магичната хармонија на боите и формите – совршенството по кое копнее, сака да го отвори, да го допре, да го впие – да го сети во себе оформено, пресоздадено, потем да го пренесе во својата рака, да го направи вистина, да биде стварноста во која самиот опстојува“, вели писателот Глигор Стојковски за уметноста на Лазаревски.

Лазаревски завршил училиште за применета уметност „2 Август“ во Скопје 1965-1970 година. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград 1975 година, во класата на професор Марко Крсмановиќ, отсек ликовна графика. Член на ДЛУМ од 1976 година. Самостојно изложувал на повеќе места, Скопје, Струга (1993) , Струмица (1993 и 2023 год.) Учествувал на сите групни
изложби кој ги организирал ДЛУМ, како и излагања надвор од земјата. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои наградата „Графика на Белградскиот круг“ 1976 година.

Признание на „Ликовни средби“ во Суботица истата година, откупна награда на Музејот на современата уметност „Млада генерација 77“ , повеќе откупни градски награди од општински и републички карактер, како и награда на библиотеката „Св. Климент Охридски“ и „ДЛУМ- цртеж“ во 1992 година. И учесник е на првите изложби на Зимски салон на што ги организираше ДЛУМ. Исто така е присутен на Меѓународно графичко триенал на графика што се организираше, првото во Битола 1994 и преставник на редакцијата Нова Македонија за доделување на наградата на весникот Нова Македонија на сите графички триенала во Битола. Од 1975 до 2013 година е ликовен уредник на весникот Нова Македонија и добитник е на специјална награда по повод 60 години на весникот Нова Македонија за дизајн опрема на весници, книги, монографии, плакати, брошури и секаков вид на дизајн.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 21 февруари 2024.