Изложбата „Креативен активизам“ денес во монтажната галерија

Во монтажната/мобилна галерија во Паркот на Франкофонијата денеска од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Креативен активизам“, која има за цел да претстави мал дел од бројните активности на активистите во изминатата декада.

Според организаторите од галеријата, изложбата не е ретроспективна, туку е почеток на еден серијал активности посветени на креативниот активизам и спрегите на уметноста и активизмот и промените кои овој начин на делување ги иницира и може да ги иницира во општеството. Едноставно, велат од галеријата, целта на оваа изложба е да ја прикаже креативната страна на граѓанскиот активизам, неговата еволуција и маштовитоста како и креативноста со која активистите мораа да се служат за да ја анимираат јавноста и медиумите, да ги мобилизираат свесните и да ги освестат неосвестените.

„Почнувајќи некаде од 2007/8 година беше јасно дека македонското општество се повеќе тоне, се затвора, станува недемократско и тоталитарно. Клиентелизмот ја замени демократијата а разноликоста на мислењата беше заменета со медиумско едноумие и константен ПР на Власта на ДПМНЕ. Сите дилеми околу насоките каде оди македонското општество беа разрешени на судбоносниот ден 28.03.2009 кога стотина мирни демонстранти воглавно студенти од Архитектонскиот факултет излегоа на протест против изградба на црква на плоштадот при што беа брутално нападнати и тепани од над илјада луѓе со качулки кои беа донесени под превезот на некакво верско здружение“, се вели во најавата на изложбата.

Скоро цела една декада, велат од галеријата, граѓанскиот сектор и слободоумните граѓани немаа премногу простор за делување, стандардните начини за борба со режимите беа нефункционални.

„На почетокот на протести излегуваа едвај неколку стотини исти луѓе, а некогаш и помалку што за пропагандните машини на власта не беше проблем да се неутрализира во јавноста. Паралено се случи и проектот Скопје 2014 кој имаше за цел коренито да го смени ликот на градот но и полека да го реформира и прикаже како загрозен македонскиот национален идентите, односно да ја претстави власта како браник на нацијата а лидерот како негов најголем бранител. Во услови на заробена демократија, потиштени (и прислушувани) граѓани беа потребни нови пристапи и нови начини на комуникација и мобилизација. Активистите набргу станаа свесни за притисоците кои власта ги прави врз граѓаните заплашувањата, апсењата, бркањето од работа особено во админстрацијата, етикетирањата, физичките напади и најразличните форми на анатемизацијата и стигматизацијата на секој кој не беше слеп послушник на власта беа дел од македонското секојдневие. Сето ова услови активистите да бараат нови пристапи за информирање и мобилизирање на јавноста“, соопштуваат од галеријата.

Креативниот активизам во Македонија започна со безопасни и мали но исклучително креативни акции кои беа извонредно прифатени во јавноста и се прераскажуваа помеѓу луѓето. Организаторите велат дека маршот на коцките, роденденот на дупка на автопат, флашираната отровна вода, ајкулите во Вардар, протестите на студентите, протестите против полициската бруталност, акциите за заштита на зеленилото и јавниот простор, eколошките протести и иницијативи, црвените чадори за заштита на маргинализираните групи, иницијативите за правда, солидарност и борба против сиромаштијата се менуваа како на филмска лента и добиваа се поголем број поддржувачи кои се појасно бараа ослободување на демократијата и враќање на нормалноста во Македонија.

„Сево ова ќе кулминира во фебруари 2015 со објавувањето на скандалот со прислушувањето и објавувењето на ‘бомбите’ кои пред јавноста (благодарение на лидерот на опозицијата Зоран Заев и свиркачите Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски) ќе ги разоткријат криминалите на власта на ДПМНЕ и ќе ги спојат скоро сите постоечки движења и иницијативи во феноменот на Шарената Револуција која ќе ги зададе последните и одлучувачките удари на режимот на недемократското владеење на криминогено раководство на ДПМНЕ“, стои во соопштението.