Изложба и конференција Nationless/Актуелизација во МКЦ

Уметници и теоретичари од Македонија, Грција, Албанија, Косово и Србија викендов (5-6 декември) ќе се сретнат во Скопје во Младинскиот културен центар МКЦ на изложбата и конференција Nationless/Актуелизација. Настанот го организира Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, како можност за соочување и размена на регионална теорија, активизам и  уметнички практики.

Ова е последниот од серијата настани од проектот Nationless во кој ќе сретнат теоретичарите и уметниците кои преку уметнички дела и свои излагања ќе ги прикажат своите согледувања за можностите на соработка и заедничко истражување во уметноста и теоријата на Балканот во насока на преиспитување, реструктуирање и актуелизација на ослободувањето и автономијата наспроти националистичкото производство на субјективноста.

Во сабота во 20:30 ч во галеријата на Младинскиот културен центрар ќе биде отворена изложбата „Actual art, a rupture within the antagonism“ во која ќе учествуваат Драган Протиќ, Бранко Тешевиќ, Даринка Поп Митиќ, Курс Организација, Олсон Ламај, Дритон Селмани, Висар Арифај, Јорданис Стилидис, Ангелики Авгитиду , Нада Прља , Филип Јовановски , Велимир Жерновски и Ѓорѓе Јовановиќ.

Во недела, во 17:00 часот во галеријата на Младинскиот културен центрар ќе се одржи дискусијата „Sabotaging the nationalist recurrence, towards a theory of possibilities“, во која ќе говорат Ивана Момчиловиќ, Артан Садику, Агон Хамза, Винсент ван Гервен Ои.

Проектот NATIONLESS цели да отвори простор за уметничка интервенција, промислување и пре-промислување на проблемот на национализмот и неговата општествена репродуктивна моќ во рамките на специфичен фокус на прекинатата комуникација и скоро целосното отсуство на соработка меѓу регионалните уметници и интелектуалци. Целта, сепак, не е да се надмине овој проблем на недостаток на соработка туку, попрво, преку уметнички интервенции да се предизвикаат конкурентните национализми вo различните земји преку уметничко-политички и теоретски истражувања на идејата за „нацијата”.