Изложбата „Експериментален цртеж“ на ДЛУМ во Прага

Во понеделник ( 15 септември) ќе биде отворена изложбата „Експериментален цртеж” на Друштвото на ликовни уметници на Македонија во Палата Луцерна-Прага, Република Чешка. На изложбата, со своите дела ќе се претстават 62 ликовни автори членови на Друштвото.

Изложба „Експериментален цртеж“ на ДЛУМ во Прага

Изложбата „Експериментален цртеж“ се организира од страна на ДЛУМ веќе шеста година по ред. Изложбениот концепт на проектот претендира да го разработи процесот на отстапување од традиционалната форма на цртежот. Иако валиден како независен медиум, основниот акцент е ставен на критичкото преиспитување на природата и вредноста на цртежот во комбинација со широк спектар на уметнички техники и дисциплини. Современиот македонски цртеж не ги исклучува традиционалните техники, туку често го проширува полето на истражување и експериментирање вклучувајќи различни трансформации.

Изложбата вклучува дела кои го поврзуваат цртежот со сликарството, скулптурата, фотографијата, графитот, дигиталната уметност. Презентираниот материјал нуди различни пристапи кон современиот цртеж во кои тој не е ограничен на скица, туку се развива во нови варијации, почнувајќи од молив на хартија, до концептуални пристапи. Со здобивањето на нов статус цртежот ја потврдува неговата линеарна автономија и неговата концептуална контрола над останатите медиуми.

Во оваа селекција ќе бидат прикажани цртежи кои можат да бидат дефинирани и како ко-продукт на други видови на креативни процеси, потенцирајќи ја неговата интердисциплинирана, когнитивна, перформативна или комуникативна функција.Изложбата е поддржана од Министерство за култура по повод јубилејна билатерална соработка со Република Чешка.