Изложба „Жената и фотографијата“ во Куманово

Меѓуклупска изложба насловена „Жената и фотографијата“ на Фото клубот Куманово ќе биде отворена вечер во изложбениот простор на Национална установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“.

Веќе се подготвува поставката која ќе содржи 60 фотографии, црно бели и колор од над 30 жени фотографи.

„Одбрани се 60 фотографии, а понуда за учество имаа сите фото-клубови од Македонија. Се одѕваа клубовите од Битола, Прилеп, Куманово и повеќе самостојни фотографки. Љубителите на уметноста ќе можат да уживаат во уметничките мигови заробени во фото-објективот на авторки од речиси целата држава. Изложбата од година во година буди се поголем интерес се планира да прерасне во традиционална, а можеби и меѓународна. Жената во борбата за рамноправност со мажот сака да биде застапена на сите полиња, а бидејќи во фотографската уметност досега не била толку застапена, ние од фото-клуб Куманово се трудиме да ја застапуваме жената-фотограф што повеќе“, изјави Жаклина Стефановска од ФК „Куманово“.

Фото клуб „Куманово“ брои триесетина активни членови од кои десет се дами. Честа да биде селектор на изложбата ја имаше најактивната жена фотограф во 2016 година, Жаклина Сетфановска.