Изложба „Зад виножитото“ на Калина Брајковска на „Охридско лето“

Во рамките на „Охридско лето“, утре од 21 часот во Центарот за култура во Охрид ќе биде отворена изложбата на Калина Брајковска „Зад виножитото – идилата врежана во нас живо настојува да ја завземе првобитната состојба“.

Преку ,,Зад виножитото “ ќе бидат изложени 20 дела масло на платно. Изложбата тематски е продолжение на првата самостојна изложба одржана во Младинскиот културен центар во Скопје со наслов ,,Радост на живеењето“ на која што претставени 16 дела на Брајковска.

Сликите се во стилот на неоекспресионизмот – правец кој, вели уметницата, моментално најсилно и одговара да се изрази.

„Инаку насловите како ’Цутење’, ’Гласник на новото утро’, ’Пролетни приказни’, ’Природна мистика’ и др., заедно со силната бојата и потегот сами ги откриваат моите состојби и размислувања кои секогаш се произлезени од природата на се што е живо и чии дел сме и ние сите. Во новиот циклус ’Зад виножитото’ насловите ’Венера ги најде своите раце’, ’Летало’ ’Mесечината свири саксофон’, ’Релаксирано, ништо не е под контрола’, ’Дојди како што си’ и др., потрагата по идилата која е составен дел од нашето создавање уште попотврдено го бара својот начин да освен во нашата меморија и мечта се обвистини во овоземниот живот, секојдневието – сега и овде. Она за кое мечтаеме со затворени очи денеска да успееме да го почуствуваме како реалност“, вели Брајковска.