Изложба за „Радио 100“ – прво независно младинско радио во скопскиот и македонскиот етер

По повод 35 години од стартувањето и 30 години од згаснувањето на „Радио 100“, младинското радио кое функционирало од 1986 година до 1991 година, вечерва во рамките на „Скопско лето“ ќе се одржи изложба на артефакти, документи, фотографии и снимки за работата на радиото кое функционирало во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје.

Изложбата ќе се одржи во „Куршумли Ан“ со почеток во 20 часот, а ќе биде придружена со џем сешн и музика од 80-тите и 90-тите.

По иницијатива на професорот Слободан Таневски, пролеттна во 1986 година,  дел од учениците и професорите од средното училиште „Орце Николов“ започнале со подготовки за формирање на младинско експериментално радио во рамките на своето училиште.

„Младинското експериментално радио „Клуб 100“ го имаше своето прво емитување во периодот од 25 до 29 мај 1987, во рамките на традиционалниот училишен фестивал со кој се одбележуваа Денот на младоста – 25 Мај и Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј“, објаснуваат организаторите.

Секој четврток, во периодот од 14 до 22 часот на „Радио 100“ се емитувала  разнообразна радиопрограма со широк спектар на емисии и теми.

Програмата започнувала со музичко-контактната емисија „ХИТ 100“, а следеле и емисиите „Демоскоп“, „Бип-бип“, како и  „Музички портрет“.

„Тоа беа времиња кога немаше Интернет и до секоја информација се стигнуваше „рачно“, со „копање“ низ многу книги, лексикони, енциклопедии и списанија. Немаше ниту дигитални плеј-листи, туку музиката се пушташе од плочи (винили), касети и магнетофонски ленти“, објаснуваат од „Радио 100“.