Дневниот центар за рехабилитација и ресоцијализација на ХОПС на 19 мај (четврток) од 16 до 20 часот ги отвора вратите на својот дом (центарот) за културните дејци, каде преку афирмација, изложба и продажба на нивните дела би обезбедиле средства за одржливост на центарот. Првата уметница со своја продажна ретроспективна изложба „Времеплов“ ќе биде Кате Биновска.
„Ги отвораме вратите за поддржувачи на култура, поддржувачи на заедницата, емпати, луѓе кои веруваат во заедничко подобро утре“, се вели во најавата на настанот.
Од ХОПС велат дека со збогатување и развој на активностите во центарот ќе се пружи поквалитетна помош за ресоцијализација и рехабилитација на луѓето кои употребуваат дроги и нивните семејства, стекнување поголема доверба кај истите како и придонес кон самоодржливоста на центарот.
Инаку, Биновска има учествувано во повеќе изложби, меѓу кои изложбата „GraphICON“ во Отвореното графичко ликовно студио на Музеј на град Скопје, во декември 2008 година, со нејзината графика „спротивно од одраз“. Графиката по име „Филм“ во техника акватинта, била избрана да биде дел од изложбата организирана од „Друштвото за ликовни уметности на Р. С. Македонија“, во Музејот на домот АРМ во Скопје. Истата 2009 година во ноември, на изложбата за минијатура во Музејот на АРМ, го освојува второто место со графиката „Г“, 2009 година, техника линорез.
„Кате била дел од проектот за оживување на старата чаршија во Скопје – ‘Филигран и рачно изработени теписи’ воден од германски проф. Ханс Херприхт. Стажирала во музејот за уметности во Нимберг во Германија, помагајќи при организирање изложби како и дизајнирање и изработка на рачно изработен накит од сребро“, велат од ХОПС.
Во Амбасадата на Македонија во Виена, во 2017 година по иницијатива на невладината организација „Kultur Ohne Grenzen”, била одржана првата самостојна изложба на Кате. Истата година во Варшава, Полска биле одржани уште две изложби, од кои едната била поддржана од Амбасадата во Полска.
Девет години живеела и работела во Полска каде има направено неколку мурали и неколку дигитални решенија за двете најголеми банки во Полска (Bank Zachodni, Santander Bank). Моментално живее во Македонија и се занимава со рачно цртање на дизајни на текстил и графички дизајн.
„Ве очекуваме со насмеани лица и жар за уметност“, велат од ХОПС.